Неофицијално: Обезбедена поддршка од 82 пратеници за уставните измени

Автор: Владимир Мирчески | пред една недела | In depth

Уставните измени што денеска ги иницираше владата се поделени во 4 сегменти, колку што најверојатно ќе има и амандмани.. Првата уставна измена се однесува на додавање на придавката „Северна“ во името на Република Македонија. 

Втората измена е во делот на преамбулата, каде при наведувањето на државно-правните традиции ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ - како на пример, прогласот од првото заседание на АСНОМ со конститутивните одлуки. Одредницата за македонскиот народ останува во преамбулата..

Со третата уставна измена, членот 3, кој веќе еднаш беше дополнет со амандман во 1992-та година, сега ќе се засили со одредба за почитување на територијалниот интегритет и политичката независност на соседните земји. 

И конечно, четвртата измена се однесува на грижата за македонскиот народ и сите граѓани на Македонија во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и нивните внатрешни работи. Портпаролот на владата, кој ги образложи одлуките од денешната владина седница, не одговори конкретно на прашањата дали е обезбедено двотретинско мнозинство во парламентот..

Од владата не сакаат да прецизираат, но неофицијално дознаваме дека мнозинството смета на поддршката на десетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери. Се зборува за бројка од вкупно 82-ца пратеници, кон која би можел да се приклучи и Ферид Мухиќ, пратеникот од листата на СДСМ, кој не гласаше за ратификација на Договорот со Грција.. Попладнево го контактиравме Мухиќ, кој ни рече дека во овој момент не може да се произнесе, зашто сака претходно да ги види уставните измени.

Од ВМРО-ДПМНЕ денешниот потег на владата го нарекоа евтин спектакл. Партискиот портпарол рече дека не сакаат да веруваат оти може да се изигра волјата на граѓаните од референдумот.

За првична анализа по ваквиот развој на настаните, разговаравме со Петар Арсовски и Александар Пандов. Разговорите погледнете ги од видеото.

Ова што денеска го направи владата е само почеток на процесот што ќе трае најмалку три и пол месеци. Се разбира, ако навистина е обезбедено потребното мнозинство.

Ова се роковите пропишани во Деловникот. Веќе објавивме дека засега се смета на поддршка на поединци-пратеници од опозицијата. Дознаваме дека деновиве, па и денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е под континуирано пријателско убедување за целата партија да биде дел од процесот и дека во тоа директно бил вклучен и претседателот на Европската народна партија, Жосеп Дол.. Засега нема резултати од таа комуникација.. За Македонија утре ќе се расправа во комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Известувачот за земјава, Иво Вајгл, се надева на договор меѓу власта и опозицијата и е критичен кон досегашното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов.