Села: Не сме за предизобрна коалиција со луѓе кои ни седеле со нож зад грбот

пред една недела | Дебати

Во интервју за „360 Степени, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села зборуваше за можноста за организирање предвремени парламентарни избори и идејата за формирање широка предизборна коалиција во која би влегле сите политички партии коишто се за влез во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот од Преспа.

- Дали сте сигурни дека тоа е формулата за да стигнеме во ЕУ и НАТО? Се разбира дека сме ги направиле нашите анализи, зошто сме против една таква варијанта. Не можете да побарате од нас да влеземе во една коалиција со луѓе кои ни седеле со нож зад грбот, и тоа не подамна од пет-шест месеци. И сега вие барате да влезам во предизобрна коалиција со Зоран Заев. Ајде, ве молам. Има други начини. Па, зошто да не излеземе ние самите како што сме излегле на избори. Мислите дека помали ќе бидат шансите да се постигнат двете третини? Ние остануваме доследни на своите ставови. Зоран Заев беше тој што велеше општество за сите. Зоран Заев беше тој што велеше многу нешта... јас сум лут бидејќи луѓето се разочарани и се во право. Не сум самиот лично налутен, бидејќи доколку јас сум направил нешто на 27 април, сум го направил за политичката идеја и платформа која јас сум ја застапувал како претседател на Алијансата на Албанците... Но, јас ќе бидам налутен кога гледам како ни се повторуваат работите... кога четиригодишниот Алмир се убива, а се третира како сообраќајка со голема опасност. Кога на жителите на Сопот им се ветува обесштетување и им се изрекува уште поголема казна. Каков е овој пристап -праша Села.

Тој рече дека нема контакти со ВМРО-ДПМНЕ. Запрашан за тоа што би се случило доколку Алијансата за Албанците победи во албанскиот кампус а ВМРО-ДПМНЕ победи во македонскиот, рече дека нема навика да одговара на хипотетички прашања, но и дека во случај на победа ќе прави коалиција со политичкиот субјект кој ќе ја прифати платформата и програмата на Алијансата за Албанците да биде рамноправна во раководењето со земјата.

Села во интервјуто истакна дека Алијансата даде чиста поддршка на референдумот, за разлика од другите, но и дека граѓаните и гласачите не се ничија сопственост за да се прават паралели од претходните локални и парламентарни избори и така да се бара зошто одредени групи не гласале.

Тој смета дека референдумот имал порака, дека пратениците го имаат легитимитетот за да го решат прашањето во Собранието. Во однос на гласањето за уставните измени, тој рече дека и Алијансата има свои барања, но дека тоа не значи условување на гласањето, туку исполнување на еднаквост на Албанците со Македонците. Тој стави фокус на прашањето за албанскиот јазик.

Села рече дека секој пратеник треба да направи компромис со самиот себе во овој историски момент и да знаат дека ова не е спортски натпревар. Во однос на предвремени избори, тој рече дека неговата партија е за предвремени избори поради лошите резултати на владата, но дека би сакале претходно да се изгласаат уставните измени во Собранието.