Што е легална градба, а што дивоградба во Центар?

Автор: Петар Клинчарски | на 4.2017 | In depth

Ваква беше работната атмосфера за новата власт во општината со најскапи недвижности во земјата, кога во 2013-тата посака да поништи четири урбанистички плана. Седницата со реден број 5 требаше да стави крај на Скопје 2014-та. Но на крај, насобраните, ставија крај на седницата. Организаторите на демонстрантите тогаш тврдеа, ако се укинат актуелните деталните планови, црква во Центар ќе станела дивоградба. Денеска се осомничени. Ги гони СЈО бидејќи биле параван за бизнис интереси, но и дека црквата си била на истото место и по старите планови.

Четири години подоцна и пред крајот на мандатот на градоначалникот и на Советот, одненадеж, седницата број 5 се врати на дневен ред. Без протести, но и без вообичаената координација во матичната комисија, падна одлука - не важат последните детални планови за најстрогиот центар на Скопје, туку оние пред нив.  

ТОНСКО: Мирослав Шиповиќ – претседател на Совет на општина Центар

Главниот мотив е да се обиде да се направи нешто? во врска со стопирање на градбите на објектите на Скопје 2014. Но, иницијална каписла се движи помеѓу тие објекти кои ги споменавте, панорамското тркало и улицата на кеј.

Улицата на кејот и панорамското тркало се уште не се изградени. Но, за четирите години кои поминаа, никнаа многу нови објекти на просторот кој го уредуваат поништените планови. Некои од нив, легално почнати или изградени, преку ноќ станаа дивоградби.

Кои се и колку ги има, веќе требаше да има список. Но, список се уште нема.  Ниту општинските служби сакаат на своја рака да ги набројат. Но, ни дозволија барем самите да споредиме, кои згради на хартија веќе ги нема или треба да бидат поинакви.

Со стапувањето на сила на старите планови, кај Бристол сега повторно има зеленило, иако во реалноста таму има државни згради. За тие објекти веќе се потрошени 36,5 милиони евра од државниот буџет. Иако не е ниту почната, сега не може да се гради и катната гаража во непосредна близина. Таа парцела, токму за изградба на гаражата, од државата ја купи приватен инвеститор.

Има и такви објекти кои ги има и во старите и во новите детални планови, но порано било предвидено да бидат помали или пак да служат за друга намена.

На овој простор позади мене е предвидено изградба на т.н. Шпански скали. Објектот постои и во двата урбанистички плана. Разликата е во тоа што во поништениот, неговата висина достигнува до 16 метри, а по ново, може да се издигне речиси дупло повеќе и да ја надмине просечната висина на објектите во опкружувањето.

 Објект                                          Поништен ДУП                                                                ДУП на сила                    

Шпански скали           Приземје + 3 ката + поткровје / 16 м висина          Приземје+10ката+покровје

Панорамско тркало                  80 метри                                                                       60 метри

Зграда ВМРО ДПМНЕ   намена Б - деловен објет со хотел               А2 станбено домување/ 29 метри

Панорамското тркало сега е дозволено да биде високо до 60 метри. Тоа е 20 метри помалку од претходно. Засегнато е и новото партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ. Тоа останува со иста големина, но веќе не може да биде деловен објект со хотел туку станбена зграда.

Листата може да се продолжи на уште неколку објекти. Но тоа нема да ја смени логичката дилема - како објекти кои веќе добиле одобренија за градба па можеби и употребни дозволи, сега преку ноќ ќе станат дивоградби?

Иако најповикан за овие прашања, градоначалникот Андреј Жерновски не најде време за коментар. Одлуката ја бранеше директорот на Паркинзи центар и претседател на општинската организација на СДСМ, Саша Богдановиќ.

- Се што не е законски, ќе се даде предлог од инспекциските служи за се што е издадено од Центар да биде поништено, се што е од другите институции издадено, Град Скопје, Министерство за транспорт и врски ќе биде доставено до нив барање самите да ги поништат одобренијата за градба. Спремни сме да покренеме судски спорови преку кои ќе го докажеме тоа... Ако се поништи, имаат нова состојба, каде важи стариот ДУП, каде тие маркици не се уцртани и тие ќе бидат прогласени за дивоградби. Потоа си има и други правни механизми, тоа е навистина сложена операција. Треба да се прави проценка што е на штета на граѓаните, а што на штета на опптината. Но, ако успееме да докажеме дека одредени работи се незаконски мислам дека нема да има никаква штета ни за граѓаните ни за општината, вели Богдановиќ.  

Одлуката на власта во општината дури во 2017-та да направи одлучен чекор да го стопира Скопје 2014-та можеби помина без протести, но не е без противници. Против е опозицијата во Центар, ВМРО-ДПМНе. Советникот Илија Илијовски вели дека размислуваат да ги обжалат одлуките пред Уставен суд.

- Определен објект може да се гради и е валиден во законски рамки изграден, само ако има одобрение од соодветната институција. За кој било објект, според наши сознанија има одобрение за градба за моментално важечките урбнистичко планска документација која важи до моментот. Се што после може отпосле да се направи, не може да има ретроактивно дејство спрема чинителите и оние кои се засегнати. Ако некој проба да воведе ретроактивност тоа е директно кршење на принципот на Уставот кој забранува ретроактивно дејство на законите и сите прописи кои ги носат институциите. Ако некој имал сомнение во градежно техничката документација, тоа требало да го истакне на време и во соодветна процедура. Но, очигледно немало такво сомнение и сите градби биле изградени на време и согласно важечката плнаска документација која била на сила, изјави Илиjовски.

Каква ќе биде правната разврска околу поништувањето на плановите? Можно ли е општината да влезе во правни лавиринти во кои излезот на секој од нив ќе значи финански последици кои како бумеранг ќе се одразат врз буџетот на Центар? Првиот човек на општинскиот совет, Шиповиќ, вели имале такво искуство и не поминале лошо.

- Кога дојдовме во 2013 во Центар, општината имаше договор потпишано за катна гаража кај Нова Македонија. Како што знаете, катната гаража со одлука на Советот е стопирана, кредитот кој е земен од Љубљанска банка за таа намена е поништен и се плаќаат некои ситни пенали кои подразбираат поништување на кредитот. За училиштето кое се гради во Капиштец, земен е нов кредит и училиштето се гради со тој кредит, се сеќава Шиповиќ.

Но, за разлика од катната гаража како единствен објект, во конкретниот случај се работи за десетици објекти кои чинат преку 100 милиони евра.

- Доколку на каков било начин истите се проба да бидат реализирани, дополнително може да предизвикаат несогледливи финансиски импликации, како за граѓаните на Центар кои живеат на потегот на овие 4 урбанистички локации, и за тие кои инвестираат и имаат допирна точка со овие дупови. А да не зборуваме како може да се рефлектира на самата општина, објаснува Илиjовски.

- По тоа што имаме информации, има начини на кои може да се преземе нешто, без да претрпи штета. Не сме ние криви ако некој претходно издал нешто незаконски, ние треба да го констатираме тоа и да го поништиме и да си бараме по регуларен пат тоа да се случи, така да ќе си ја бара отштетата од тој кој што му го ветил и издал тоа одобрение и учествувал во целата таа работа. Мислам дека општината нема да претрпи ништо. Мислам дека одредени средства за комуналии ќе треба да се вратат, но сепак многу е поголема штетата парите на граѓаните кои ги тропи Владата, вели Богдановиќ.

Мандатите истекуваат, плановите се менуваат. И по 4 - годишното работење одбележано со многу турбуленции, во општина Центар останува да биде неизвесно и понатаму. Спорните ДУП-ови ќе бидат предмет на докажување и пред Уставниот суд, но и пред СЈО. Дали е градено легално, или центарот на метрополата ќе стане - центар на дибоградби.