Атанасопулос: Предвремените избори може да и купат време на владата на Ципрас и Каменос

Автор: Владимир Мирчески | пред 2 месеци | In depth

Референдумот и последиците од него, разбирливо, со големо внимание се следат и во соседна Грција. За ова, како и за максималниот рок до кој Алексис Ципрас може да го чека усвојувањето на уставните измени во македонскиот парламент, од разговорот со еден од највлијателните надворешнополитички уредници во Грција, Ангелос Атанасопулос, кој работи за весниците Та неа и То вима.

Г-дине Атанасопулос, можете ли да ни ја пренесете атмосферата во Грција по вчерашниот референдум за договорот за името?

Би кажал дека општата атмосфера е атмосфера на индиферентност. Луѓето не зборуваат за ова прашање, но ако ги следите социјалните медиуми: фејсбук, твитер, многумина коментираат – еве, видете, ви рековме, дека на луѓето во ПЈР Македонија не може да им веруваме, не излегоа да гласаат, итн... При ова мора да го имате предвид фактот дека 70 отсто од грчкото население е против договорот, а некои од нив се против и споделувањето на терминот „Македонија“ со вашата земја. Така што, не е изненадување што на социјалните медиуми забележувате вакви коментари зашто тие им овозможуваат на луѓето од зад мониторите послободно да се изразуваат. Но, ако разговарате на улица, или пак со луѓе кои се справуваат со ова прашање како политичари, новинари, аналитичари, дури и бизнисмени кои имаат интерес за ова прашање, на останатите граѓани едноставно не им е грижа.

Дали резултатите одат во полза на некоја од страните – власта или опозицијата?

Не е убаво ова да се каже, но за жал, мислам дека епилогот е од полза на Панос Каменос кој беше првиот што коментираше на твитер против договорот, ПЈР Македонија и против сите кои го поддржаа договорот. Ова секако не е ставот на останатиот дел од владата, зашто само неколку минути по твитот на Каменос, министертсвото за надворешни работи излезе со многу побалансирана изјава која денеска ја повтори и владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос. Таа е дека да избегнуваме тензична и националистичка реторика, дека треба да ги сочекаме случувањата во Скопје, дека признаваме дека одзивот не беше посакуваниот, но и дека граѓаните што излегоа во висок процент гласаа „за“, што не треба да се потцени и дека сега треба да чекаме. Верувам дека доколку владата на Заев се реши за предвремени избори, тоа всушност ќе и купи време на владата на Ципрас и на Каменос зашто тоа ќе ги одложи уставните амандмани и тоа ќе и овозможи повеќе маневарски простор на владата. Ова, дефеинитивно не е по волја на главната опозициска партија Нова Демократија и затоа, почнувајќи од вчера, колку што успеавме да видиме, има две линии во самата влада – едната е на Сириза, а другата е на Независни Грци на Панос Каменос. Опозицијата бара избори зашто смета дека ова е циничен сојуз, влада со две лица. Ова е моменталниот политички пејсаж. Има едно крупно прашање кое верувам дека и кај вас се поставува – тоа е што ќе преземе грчката влада ако се оддолжат уставните измени. Има сценарио кое се сметаше за малку веројатно, но за кое опозицијата смета дека е изводливо, а тоа е Ципрас да закаже предвремени избори користејќи го името на Македонија како изговор. Се плашам дека за ова знаат само премиерот и тесен круг луѓе околу него, но како опција некои овде ја разгледуваат.

Кој е крајниот рок до кој Алексис Ципрас може да ја чека Македонија да заврши со уставните измени?

Мислам дека ако одиме со планот А кој значи дека владата на Заев ќе успее да обезбеди 80 пратеници за усвојување на уставните измени, тогаш целата постапка во Скопје ќе заврши до средината на јануари. Тогаш, владата на Ципрас ќе може да го ратфикува пристапниот протокол за прием во НАТО, а тоа можеби би се случило во февруари. Но, ако има план Б – предвремени избори можеби на крајот на ноември, па ќе следи декември, а уставните измени би се случиле во февруари, тогаш работите ќе се префрлат овде кон крајот на март и тоа би го поттикнало изборното сценарио во Грција зашто идејата за која знаеме е дека владата би свикала предвремени избори за во мај, можеби 19 или 26 мај. Во таа ситуација, прашање е на временски распоред... Според уставот, колку денови се потребни за организирање на брзи избори... Оттука, сметам дека најдоцниот рок што го има владата на Ципрас за гласање на пристапувањето во НАТО е март.