Гравче, еуфорија и кавги - како помина прославата на „бојкотирачите“

Автор: Зоран Јованоски | пред еден месец | In depth

Гласањето се уште траеше, а движењето „Бојкотирам“ веќе се подготвуваше за собир пред Собранието. „Бојкотирачите“ прво се обезбедија со храна. Кампот наспроти Собранието се претвори во голема менза.  

„Гравчето е македонски производ и традиционално јадење. Пораката е трпезата да биде трпеза на љубовта, а не на раздорот.“ – рече човекот што ги полнеше чиниите со грав. 

На странските телевизиски екипи веќе им раскажуваа дека нивната „бојкот“ опција преовладала на референдумот. Не сакаа ниту да слушнат дека најголем дел од тие што гласале – заокружиле „за“. 

„Апсолутно тоа не е релеватно и е небитно. Не поставувајте нерелевантни прашања.“ – остро ни рече Сотир Костов.  

Некои бојкотирачи делеа давидови ѕвезди – симбил со кој биле означувани Евреите во Втората Светска Војна. 

„Овие ливчиња го претставуваат фашизмот на Европа. Ние сме Македонци и сме мирољубив народ, никогаш не сме биле фашисти.“ – рече жена која ги делеше налепниците. 

Кога дојдоа поддржувачите на Левица, собирот го претворија и во анти НАТО протест извикувајќи „НАТО – убијци!

Иако многумина „бојкотирачи“ рекоа дека се за членство на земјава во НАТО и Европската Унија, но без промена на името, други не беа толку сигурни во европската перспектива на земјава. 

„Перспективата? Никој не може да знае каква е перспективата. Не знам како ќе бидеме прифатени од европската заедница. Многу луѓе дојдоа тука од сите држави како поддршка на оваа Влада. Ова сега мислам дека ќе предизвика бурни реакции секаде.“ – рече еден од нив. 

Жена качена на бината еуфорично пееше патриотски песни. Подоцна ни кажа дека важно и било да бојкотира и да си го зачува името на државата и рече дека е против членство во НАТО и ЕУ. 

„Мој прадедо е Арсениј Јовков, тој бил прв журналист кој што пишувал весник на македонски јазик, а јас како негова правнука сум бездомничка, па така, еден апел да ми се помогне.“ – рече таа. 

Пропаднатиот референдум, како што го нарекоа, го славеа и најистакнатите од кампањата „Бојкотирам“ – лидерот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев, Филип Петровски, како и претседателката на „Глас за Македонија“ Солза Грчева.  

Каква е перспективата на Македонија по референдумот?

„Истата како и пред референдумот.“

А каква ни беше претходно?

„Со Европска Унија лагата е голема. Значи, нашиот пат кон Европската Унија ќе биде многу долг и нема да зависи од прекрстување на државата туку од реформите.“ – изјави Грчева. 

Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес не го признава резултатот од референдумот бидејќи бил фалсификат. Но, неговите ставови не успеавме до крај да ги слушнеме поради негови недоразбирања со членови на т.н. „Христијанско братство“. Тие ја прекинаа неговата изјава пред камерата велејќи: „Овој нема врска со ова. Овој не блокира нас, Христијанско братство. За пари само. Овој од патриоти не направи радикална организација. Така е или не е така?“

По три часа заврши прославата на „Бојкотирам“. Но, оние најупорните останаа да слават во кампот кој наспроти Собранието е поставен веќе со месеци.