Како помина референдумската ноќ во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Автор: Славица Филиповска | пред 3 месеци | In depth

Додека се одбројуваа последните часови од референдумското изјаснување, во ВМРО-ДПМНЕ беше мирно и без голема раздвиженост. Меѓу ретките што влегоа во партиската централа беше екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Првата гужва ја направија новинарите, кои пред затворањето на гласачките места дојдоа да ги пренесат првите реакции од опозициската партија. Пристигна и поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи, не многу расположен за разговор.

„Народот одлучил тоа што го смета, а најмногу одлучил во однос на политиките на СДС.“, рече Оливер Андонов.

Референдумот формално заврши, а атмосферата во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се загреа дури пред обраќањето на лидерот Христијан Мицкоски.

„Ставот на мојата партија беше јасен. Ние бојкотираме и така останавме до крајот, односно правевме ајвар.

Искрен да бидам, јас очекував со полнење на кутии, со сите салтанати што власта е подготвена да ги прави максимум до 650 илјади ќе можат да извлечат. Полнењето на кутии да видиме како е таа операција во последниве триесетина минути. Се ќе ни биде јасно во последните триесетина минути.“, рече Стевчо Јакимовски – претседател на ГРОМ.

Излегувањето на Мицкоски го чекаше и пратеникот од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, еден од обвинетите за 27 април.

Поддржувачите и коалициските партнери чекаа простум, а кога влезе Мицкоски...

Поддршката продолжи и во текот на обраќањето.

Говорот на Мицкоски остави многу дилеми, меѓу другото, и за пораката од власт за брзи избори. Неговиот сопартиец Тони Михајловски вели дека тоа не зависи од ВМРО-ДПМНЕ.

„Предвремени парламентарни избори носи само мнозинството во Собрание, опозицијата не одлучува, тоа го одлучува мнозинството во Парламентот, тоа останува повторно на институциите. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија може да инсистира, бидејќи сме опозиција и треба да инсистира, тоа е во наш интерес и проверка на Владата на крајот на краиштата.

-Тогаш зошто Мицкоски не инсистираше?

Видете, затоа што со играчи што не им држи зборот не може да инсистирате на ништо и не може да очекувате дека ќе опстојат на зборот. Вака ќе видиме што ќе направи мнозинството, што ќе направаат институциите кои се задолжени да го регулираат тоа, на нив ќе оставиме.“, вели Михајловски.

Ги прашавме и младите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ – каде ја гледаат својата иднина.

„Постигнатиот договор е катастрофален, бришење на македонскиот идентитет, традиција, јазик, култура...

-Јазикот и идентитетот сепак не се засегнати.

Па и тие се засегнати, ако живееме во Република Северна Македонија ние сме последично сме Северномакедонци и говориме северно макеоднски јазик, тоа го кажаа и политичарите во Грција.

-Каде ја гледате вашата иднина?

Во Република Македонија дефинитивно, можеби еден ден како членка на НАТО и ЕУ, но не по секоја цена.“, вели Младен Јаневски – член на ВМРО-ДПМНЕ

По прес-конференцијата, атмосферата спласна. Почнаа да се гасат светлата во штабот.