Аризанов („StayUncle“): Зовре социјалниот активист во мене и тргнав во рушење на табуата во Индија

пред 2 месеци | Дебати

Ко-основачот на порталот „StayUncle“ за резервација на хотелски соби за невенчани љубовни двојки во Индија, Блаже Аризанов, кој живее на релација с. Борисово (струмичко) - Њу Делхи (Индија), во интервју за „360 Степени“ зборува за својата работа и како таа изврши големо влијание во индиското општество.

- Приказната за сајтот започна кон крајот на 2015, почетокот на 2016 година. Идејата се разбивање на општествени табуа во Индија, исклучиво морални ограничувања, а не законски. Меѓутоа, во земја како Индија тој елемент на моралност и тие инхибиции се далеку посилни и позастапени од било која законска рамка. Значи, да појаснам за што станува збор. „StayUncle“ е хотелски агрегатор кој нуди сместување исклучиво за невенчани љубовни парови, што пред да се појавиме беше табу тема. Милиони млади луѓе во Индија ако сакаат да си поминат некаде приватно и сами, немаа можност да го направат тоа, бидејќи хотелите за да ги примат им бараа брачен сертификат. Во смисла, ако не сте венчани, не можете да останете кај нас, вие промовирате иморал, западна декаденција, тоа се коси со нашите традиционални индиски вредности и не можеме да го реализираме. Тоа беше еден проблем за младите, кадешто не можат ниту во хотели, а ако сакаат надвор, ете, во парк да речеме, повторно и таму се соочуваат со проблеми. Таму имаше ризик да налетаат на некаква си таканаречена ортодоксна група - куче чувар, која, кога ќе ги види како разменуваат нежности, ќе ги нападне - ако се сакате толку зошто не се земете? Не постои такво нешто како врска, туку само венчавка... ни надвор, ни внатре. Милиони млади луѓе немаа место каде да си разменат нежности. Видовме дека постои таков пазарен проблем, за кој јас од почеток не бев толку мотивиран да го проследам, но откако ги дознав овие моменти за тоа како се третирани паровите, со какви се проблеми не се соочуваат, тој социјален активист во мене ко да зовре буквално. Значи беше пазарна можност, плус можност да направам социјална разлика - вели Аризанов.

Тој во интервјуто зборува и за предизвиците и пречките во реализацијата и успехот на идејата и рушењето на табуата, но и како воопшто „завршил“ во Индија. Погледнете го видеото.