Анкета на 360 Степени: Запрепастувачка неинформираност на граѓаните за Договорот од Преспа

Автор: Александар Димитриевски | пред 3 месеци | In depth

На помалку од една недела до референдумското изјаснување ниту половина од гласачите во Македонија не ги знаат одредбите од договорот со Грција. Ова го покажува телефонската анкета на 1017 испитаници, која по барање на „360 Степени“ ја спроведе Институт за демократија во соработка со агенцијата М-Проспект.

Ваквиот генерален заклучок следи од одговорите на испитаниците на трите прашања што им ги поставивме, а се однесуваат на трите клучни елементи во Договорот: одредницата со која ќе се именуваат етничките Македонци, јазикот на Македонците и опсегот на употреба на новото име.

Првото од трите прашања гласеше: според договорот меѓу Македонија и Грција, етничките Македонци:

- ќе останат етнички Македонци                                  - 41,8 %

- ќе се преименуваат во Северномакедонци             - 12,5 %

- ќе станат граѓани на Северна Македонија               - 31,5 %

- не знае/не сака да одговори                                     - 14,2 %

Само 41,8% одговорија точно - дека според договорот во употреба ќе остане „Македонци“. Наспроти нив, 12,5% одговорија дека Македонците ќе се преименуваат во Северномакедонци, а високи 31,5% мислат дека формулацијата ќе се смени во „граѓани на Северна Македонија“. Преостанатите 14,2% проценти не знаат или не сакаат да одговорат.

Второто прашање што го поставивме гласи: според договорот меѓу Македонија и Грција, јазикот:

- ќе остане македонски                                               - 52,8 %

- ќе се именува македонски, но со фуснота              

дека припаѓа во јужнословенските јазици                - 13,6 %

- ќе се преименува во северномакедонски              - 23,3 %

- не знае/не сака да одговори                                   - 10,3 %

Само на ова прашање повеќе од половината испитаници или 52,8% дадоа точен одговор, дека за јазикот ќе се користи формулацијата македонски јазик. 13,6% мислат дека покрај македонски јазик постојано ќе има фуснота дека е дел од групата јужнословенски јазици. Високи 23,3%, пак, се убедени дека јазикот ќе се преименува во северномакедонски. Не знае или не сака да одговори секој десетти испитаник.

Најголемо изненадување се резултатите од третото прашање, за опсегот на употреба на новото име, тема која со години се дебатира во јавноста. Таму понудивме две опции, за тоа дали името Северна Македонија:

- ќе се користи за внатрешна и меѓународна употреба  - 48.9 %

- ќе се користи само за меѓународна употреба               - 34.7 %

- не знае/не сака да одговори                                           - 16.4 %

Точен одговор нема ниту половина од популацијата, односно 48,9% велат дека новото име ќе се користи и за внатрешна и за надворешна употреба, како што предвидува договорот. Една третина или 34,7% се во заблуда дека Северна Македонија ќе се користи само за меѓународна употреба, а значителни 16,4% не знаат или не сакаат да одговорат.

Во Институтот за демократија направија и вкрстени анализи на резултатите. Еден од споредбените параметри беше како одговориле симпатизерите на СДСМ, а како на ВМРО-ДПМНЕ.

„ Делот на оние граѓани кои што припаѓа на опозицијата е повеќе дезинформиран, но незначително подезинформиран од оние коишто би гласале на идни избори за актуелната влада. Што значи дека не е до толку опозициската кампања таа што направила ефект колку што отсуството на поконзистентна и поприсутна кампања на владата.“ – изјави Марко Трошановски од Институт за демократија „Социетас Цивилис“.

Во категорија на статистичката грешка од +/- 3,1% се разликите меѓу одговорите на градското и на руралното население, на мажите и жените, на младите, средовечните и старите. Иако не е голема, забележителна беше само разликата во одговорите според критериумот етничка припадност.  

„ Кај етничките Албанци, она што е видливо е дека нивото на дезинформираност е малку повисока отколку кај етничките Македонци. Можеби тоа се должи на индиферентноста на одредени одредби на договорот или можеби се должи едноставно на кампањата кај албанските гласачи која во голем дел е фокусирана на ЕУ и на НАТО отколку на јазикот, националноста и слично.“- анализира Трошановски.  

Еден клучен наод од анкетата, вели Трошановски, е високата определеност на граѓаните. Околу 14 отсто од испитаниците рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат, споредено со вообичаените една третина неопределени на политички анкети.

Очигледно голем дел од луѓето имаат формирано мислење... Она што е предизвик во пет дена е тој став кој што ќе го имаат они да биде точен. Мислам дека во претстојните неколку дена треба да се направи се што е можно поконзистентно и појасно да се искомуницираат главните придобивки и точните значења на формулациите во договорот од Преспа, поради тоа што очигледно има голема дезинформираност на луѓето, без оглед на која партија припаѓаат и без оглед на етничката припадност.- заклучува Марко Трошановски.