Кој е Узбекистанецот од Прага кој плаќа лобисти во САД да пишуваат против СЈО?

Автор: Владимир Мирчески | пред 10 месеци | In depth

Во четвртокот, 6-ти април, го побаравме Узбекистанецот Бекзод Исакџанов, на американскиот телефонски број, оставен како контакт за Фондацијата Либертас.

Ало. Здраво. Дали зборувам со Бекзод Исакџанов?

Да.

Овде е Владимир Мирчески, новинар од Македонија.

Кој се јавува?

Јас сум новинар од ТВ емисија што се емитува во Р. Македонија. Дали имате неколку минути?

Да?

Би сакал да ве прашам дали може да ни дадете изјава за активностите на вашата Фондација Либертас во врска со лобирање во Македонија и регионот?

Ало...

Ало, дали ме слушате...

Ало...

Ве молиме оставете порака за...

Лицето од другата страна на телефонската линија прво потврди дека е Бекзод Исакџанов, но кога дозна за што го бараме, го прекина разговорот. Сите наши следни обиди да го обновиме контактот со него беа безуспешни.

Тонски се вклучува секретарка

Се обративме и до компанијата Меркјури, која Узбекистанецот Исакџанов, од името на Фондацијата Либертас, ја најмил за лоби-услуги за Македонија пред американските власти. Во имаилот што го испративме на повеќе контакт-адреси на Меркјури прашавме – за какви конкретно лоби-активности поврзани со Македонија станува збор. До овој момент, одговор не стигна.

Дополнителните проверки на „360 Степени“ открија нови интересни елементи од неколкумесечната историја на односите на фамозната Фондација Либертас и моќната лоби-фирма Меркјури.

Ова е извештајот поднесен од Меркјури до Конгресот за првите два месеца од соработката со Фондацијата Либертас, за периодот од август-септември минатата година (http://disclosures.house.gov/ld/ldxmlrelease/2016/Q3/300827446.xml). Во него, освен потврда дека за тој период Фондацијата и платила на лоби-компанијата 40 илјади долари за услугите, нема детали за што точно лобирала Меркјури во името на Либертас во Конгресот. Во графата „конкретни прашања за лобирање“ наведена е една општа одредница – дека лобирањето се однесува на „европско управување и граѓанско општество“.

Овој терк е повторен и во извештајот за периодот од октомври заклучно со декември 2016-та година: потврда за нови 40 илјади долари од Либертас за Меркјури за лобирање за „европско управување и граѓанско општество“ (http://disclosures.house.gov/ld/ldxmlrelease/2016/Q4/300851025.xml).

Овој период од партнерството на Меркјури и Либертас коинцидира со посета на делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, на Конгресот, која се случи на почетокот на октомври. Јавноста се сеќава дека притоа Груевски, меѓу другите, се сретна со конгресменот републиканец од Њу Џерси, Крис Смит, кој на изненадување на многумина, Македонија под водство на Груевски, ја опиша како функционална демократија во која владее правото.

Тонски Смит

Потоа во јануари годинава, токму конгресменот Крис Смит се појави како првопотпишан на писмото од неколкумина членови на претставничкиот дом со кое од американскиот амбасадор Џес Бејли се бараше објаснување дали бил пристрасен во политичките случувања во Македонија. Во истиот период се појави и иницијативата „Стоп операција Сорос“, која стигна и до Капитол Хил.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат никакви релации со Меркјури и Фондацијата Либертас, но од втората половина на 2016-та, како што веќе објавивме, датира и клучниот јавно достапен елемент што ги вкрстува интересите на Меркјури, Либертас и ВМРО-ДПМНЕ. Имено, лобистот на Меркјури, Адам Ерели, кој официјално се пријавил дека ќе лобира за потребите на Фондацијата Либертас, во ноември 2016-та објави текст во кој ја критикува работата на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева.

Станд уп:

Историјата на лобирањето во САД памети случаи во кои странски влади и странски политички партии се затскривале зад невладини организации. Еден од поекспонираните примери е оној со партијата на поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Неговата про-руски ориентирана партија подолг период лобирала во Белата куќа и во Конгресот, камуфлирајќи се зад невладината Европски центар за модерна Украина. Случајот неодамна беше јавно обелоденет и предизвика големи контроверзии во американската јавност. За примерот да биде уште попарадигматичен за Македонија, една од двете фирми што имале договор со невладината, а де факто лобирале за Јанукович, е токму Меркјури, инволвирана во случајот што ние го истражуваме.

Казните за лоби-компаниите што не ги декларираат вистинските клиенти за кои работат одат до 5 години затвор и 250 илјади долари глоба. Во 2010 година поранешниот конгресмен Mark Siljander беше осуден на една година затвор откако американското судство оцени дека учествувал во финансирање меѓународен тероризам со неговата лоби-работа за една добротворна организација од Судан. Лоби-компаниите и политичките консултанти во САД во одредени случаи избегнуваат да се регистрираат според законот за застапување странски ентитети, зашто може да страда нивната репутација кога ќе треба да пријават дека примаат пари за да застапуваат интереси на  недемократски странски влади и партии.