Еден ден со автобусот „Македонија бојкотира“

Автор: Славица Филиповска | пред 3 месеци | In depth

И додека едни се „за“, а други без јасен став, овој таканаречен кризен штаб е за бојкот на референдумот.  Обединети се повеќе здруженија, но предводник на терен е партијата „Единствена Македонија“.

 Приврзаниците на движењето „Македонија бојкотира“ се обидуваат да ги убедат граѓаните од цела Македонија да го бојкотираат референдумот. Заедно со нив, екипата на 360 степени тргнува за Битола, Могила и Новаци.

 Брендираниот автобус се исполни до последното место.  За Битола тргна и лидерот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, но со автомобил. Во автобусот се евидентираше присуството.  Беше тивко се додека на репертоарот не дојдоа патриотски песни. Пензионерот Душко Дојчиновски не доби поддршка од останатите, кои негодуваат за снимањето иако бевме уредно најавени. Дојчиновски вели дека нема друга опција освен бојкот.

„Тие треба да го прифатат нашето уставно име, бидејќи Америка не призна под тоа име. И што сакаат сега тие американски политичари, да вршат притисок за ние да го смениме името?“, ни изјави Дојчиновски на патот кон Битола.

Душко не крие дека е член на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека е разочаран од актуелниот курс на партијата.

„Јас ако сум лидер на партија, па не ја предавам државата, што сака да биде. И тој како таков, како повереник, како избран од партијата, тој мораше да рече бојкот.“

По три часа, пристигнавме во Битолско. Од автомобилот на Бачев се развиори знамето со сонцето од Кутлеш. Прва на агендата беше општината Новаци, но во село Дедебалци, каде требаше да се држат говори, беше празно. Причината била фудбалски натпревар. По неговото завршување, настанот почна. 

„Знаете што треба да направите на 30ти. Не треба многу да се кажува. Знам дека тука во ова село има патриоти. Сакаме да останеме свои на своето, вака неделно да се дружиме со фудбалот, тука да си седиме. Немој да ве лаже Зоран Заев дека тука некаде на граница на Табановце чекаат милијарди евра од Европската Унија и само треба да го смениме името и ќе ве нагрнат пари тука и сите ќе бидете среќни, богати и весели.“, се обрати претседателот на „Единствена Македонија.“, Јанко Бачев.

По говорите, публиката без коментар.

„Вие го слушавте говорот. Што мислите?

-Не можам ништо да кажам, не сум расположен.“

Кризниот штаб продолжи за Могила. Со истата иконографија.

„Освестете се и седете си дома. Едноставно ве повикувам  да седите дома, воопшто да не излегувате на тој таканаречен референдум.“, се обрати Драган Угриновски од кризниот штаб на „Македонија бојкотира“.

Жителите на Могила, говорите ги слушаа од дистанца.

„Јас ги слушам овие, ајде бојкот, дај нека каже оној што после. Што мисли после тој. Оти нагоре е високо, надолу длабоко. Каде ќе одиме после?“

„Не излегуваме, не гласаме.

-Зошто? 

Па не можам да ви одговорам, не знам што да ви кажам сега.“, коментираа локалните жители.

По петнаесетина минути собирот заврши. Централниот митинг беше во Битола, на Широк Сокак.Освен што се зголеми посетеноста и жестината во говорите го достигна врвот. Пред публиката, гореше и договорот за името. Дел од битолчани слушаа, но велат дека сами ќе одлучат како ќе постапат.

„Ги слушаме сите пораки, од дипломатите странски што доаѓаат и од нашите политичари и секако со сопствен разум ќе си размислиме и ќе донесеме одлука.“

„Ќе гласаме за. Зошто? Зa подобра Македонија, иднината кај ја гледаме, се знае.“

„Па нормално дека нема да гласаме. Не сме будали, нема потреба да гласаме. Зошто така сметате? Па зошто сме Македoнци ние, не сме предавници.“

„Канада како се вика? Северна Америка. Бразил како се вика? Јужна Америка. Што има врска ние како се викаме, дали Јужна Македонија или Северна Македонија, Македонија да сме.“, ни рекоа битолчани.

По митингот, следуваше прошетка по Широк сокак. За Јанко Бачев нема дилема дека референдумот ќе пропадне, а вели дека има и алтернатива.

„Како не нудиме алтернатива, еве сега јас не сакам да зборувам да не се злоупотреби бидејќи ние сме кризен штаб  во кој членуваат повеќе од 70 организации, а од аспект на нашата партија, ние имаме јасна алтернатива, членство со Русија и членство на Македонија во Евроазиската економска унија, ако не е тоа алтернатива, што е алтернатива. Доколку Уставен суд не прифати Иницијативата за укинување на референдумот, ние имаме јасна зацртана кампања која ќе трае до 28ми, до петок, видовте не одиме само по градовите, туку ги посетуваме и селата, така да ние ќе ги посетиме сите градови, сите села, со цел да допре нашата вистина.“, рече Бачев/

Автобусот „Бојкотира“ го продолжува својот пат низ Македонија.