Извештај од Берлин: Кој е ставот на Германија за референдумот и за идеите за прекројување граници

Автор: Владимир Мирчески | пред 2 месеци | In depth

Пораката на Ангела Меркел испратена од Скопје дека „историските можности не се појавуваат секој ден“ имаат широка политичка поддршка овде во Берлин – и од нејзините сопартијци од конзервативната ЦДУ и од идеолошките соперници од левичарската СПД.. Моите соговорници одат и чекор понатаму – дека во случај на неуспех на процесот за името, Македонија влегува во зона на сериозна неизвесност.

- Мислам дека ќе биде многу тешко за Македонија. Македонија ќе остане во ситуација на статус кво. Стравувам дека во Македонија ќе дојде до внатрешни конфликти. Мислам, ако Албанија се развива побргу од Македонија, не сакам да правам лоши прогнози, но во секој случај постои можност, ако видат дека сите земји побргу се развиваат од Македонија, тогаш ќе дојде до внатрешни македонски конфликти. Голема е опасноста да дојде до тоа. Јас се надевам дека тоа нема да се случи, но потполно е јасно дека луѓето во регионот-во Македонија, во Албанија, на Косово,особено младите масовно ги напуштаат своите земји, секоја можност ја користат за да ја напуштат земјата, и тоа не може да и е сеедно на ниту една партија, на ниту една политичка опција во Регионот. Затоа се надевам на позитивен исход на Референдумот и уверен сум дека ќе надвладее здравиот разум, не само кај левата опција туку и кај десницата, кај конзервативната страна. Конечно, верувам во победа на здравиот разум. Верувам во победа на патриотизмот, во луѓето кои ја сакаат својата татковина и кои го сакаат најдоброто за својата татковина. Се надевам дека патриотизмот ќе биде многу посилен од национализмот кој секогаш во друг бара вина за својата промашена политика - вели за „360 Степени“ Јосип Јуратовиќ - пратеник од германскиот Бундестаг

Во очекување на утрешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ за тоа како партијата ќе се постави кон референдумот, моите соговорници овде велат дека не е тешко да се претпостави дека канцеларката била отворена на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дека побарала сестринската партија активно да се вклучи во кампањата за референдумот, за тој да успее.

- По прашањето за перспективите и иднината на Македонија мислам дека Владата на СПД и ЦДУ е единствена. На мислење се дека сега е најдобра можноста преку референдум Македонија да добие јасна ориентација за својата иднина. Тој процес, ветувањето дека Западен Балкан има иднина, а со тоа и Македонија, јасно ни е дека не може да оди до недоглед, затоа мора нешто конкретно да се случи - вели Јуратовиќ.

Она што го слушнав овде во Берлин е дека ,,светот не се состои само од Балканот, Грција и Македонија“ и дека затоа треба да се искористи моментот.. „не верувам дека луѓето од Балканот сакаат да живеат како Русите“ - велат нашите соговорници, коментирајќи ги интересите на трети страни во регионот. 

Уште едно прашање за кое во Берлин нема никаква дилема, е можноста за прекројување на границите на Балканот.. Ова е целосно неприфатливо за германската влада.. Тоа би значело отворање на вратите на пеколот – е ставот на сите со кои разгововаравме.. Потенцијалниот домино ефект може да ги врати крвопролевањата од 90-тите години на минатиот век што никој не го посакува..

360 Степени во Берлин, Владимир Мирчески.