Спасовски: Сите фирми кои конкурирале за испитни центри се нови, изборот е апсолутно чист

пред еден месец | Дебати

Во интервју за „360 Степени“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговараше на прашање за доделувањето на последните лиценци за испитни центри за возачки дозволи и дали има сомнеж за незаконско работење бидејќи дел од фирмите коишто ги добија лиценците беа формирани на неколку денови пред објавувањето на јавниот оглас.

- Се работи за манипулација бидејќи една фирма која работела како Испитен центар имала лиценца 10 години. Најлогично е дека сите други фирми коишто конкурираат не можат да бидат стари фирми. Дали вие би направиле фирма којашто 10 години ќе ја држите, ќе давате плата на 30-40 вработени, а притоа да немате овластувања да работите - праша Спасовски.

Тој нагласи дека сите фирми коишто конкурирале на огласот се нови фирми, коишто постоеле по 7-10 дена.

- Не е важно колку време се формирани и колку време опстојуваат, туку со каков капацитет располагаат. Јас не ги знам условите, тие ги гледаат комисиите и врз основа на нив се добиваат бодови и тука апсолутно работата е чиста, врз основа на законските одредби и подзаконските акти - рече Спасовски.