Спасовски: Групата која работи против членство во НАТО е мала и го прави тоа од лични причини

пред еден месец | Дебати

Во интервју за „360 Степени“ министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, зборуваше за референдумот и тоа дали има организирана структура што работи на политичка или безбедносна дестабилизација на Македонија пред гласањето.

- Тоа не е само кај нас. Република Македонија за среќа или за жал можеби се наоѓа на исклучително важна геостратешка позиција, и таа колку што ни носи добро како држава, во секоја смисла и во секој момент постои ризик и тоа значи спреплетување на интересите на големите сили - рече Спасовски.

Тој истакна дека како и во други држави, токму пред наближувањето кон НАТО постојат сили кои пробуваат да го спречат напредокот на државата.

- Структурата која работи на спречување на влез на Македонија во НАТО е јавна и води кампања. За жал нивна, тие се една мала група на луѓе кај коишто сметам дека причините се сосема лични. Не се водат од никаква идеологија, туку од лични, теснопартиски причини. Можеби се и финансиски тие причини. Меѓутоа најважно е дека немаме луѓе коишто идеолошки се спротивставуваат - рече Спасовски.

Тој не сакаше да одговори директно на прашањето за сомнителни финансии до тие структури.