САД веруваат дека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат на референдумот

Автор: Владимир Мирчески | пред еден месец | In depth

Шефот за Балканот во американскиот Стејт Департмент, Метју Палмер, верува дека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат на референдумот на 30 септември. Палмер, кој од неодамна и официјално го наследи Хојт Ји на позицијата заменик-помошник државен секретар на САД во Бирото за Европа и Евроазија, ова очекување го пренесе во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М.

-Мојата порака до лидерите, до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, до нејзините поддржувачи е дека референдумот е можност да се изнесе мислење. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ како партија ќе се согласи да учествува на референдумот, се надевам дека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат да гласаат. Ако се произнесат против референдумот, тогаш тоа е нивно право, зашто ќе ја имаат можноста да го кажат тоа мислење. Вообичаено, бојкотот не е успешна стратегија во демократските процеси и навистина се надевам дека сите избирачи во Македонија ќе ја искористат можноста да гласаат и ќе ги кажат ставовите за договорот од Преспа и, секако, се надевам дека ќе го поддржат договорот, изјави американскиот дипломат.

Прашан – што ако референдумот не успее, Палмер одговори дека тогаш „наредните чекори ќе зависат од властите во Македонија“.

-Не станува збор за правно обврзувачки туку за консултативен референдум, но политички е значаен и затоа верувам дека е важно што македонската јавност ја има можноста да се произнесе за договорот од Преспа, да даде поддршка или да изрази резерви. Потоа, Владата ќе може да ги земе предвид тие мислења во процесот што претстои, вели претставникот на Стејт Департментот.

За аргументот што се користи против Договорот од Преспа - дека дури и да го смени името, нема гаранции за Македонија дека ќе стане 30-та членка на НАТО, Палмер смета оти „лидерите на Алијансата беа многу јасни на состанокот во јули на кој на Македонија и упатија покана за прием – дека штом ефективно се реши прашањето за името меѓу двете земји, вратата за влез во НАТО за Македонија се отвора“.

-Не би  предвидел никакви проблеми или грижи во овој процесот, очекувам пристапувањето на Македонија во НАТО да продолжи ,,мазно” и брзо, одговори тој.

Во интервјуто Палмер зборува и за серијата неодамнешни корупциски афери на власта, колку тие го поткопуваат декларираниот реформски карактер на Владата, како и за најавите за „корекција на границите“ меѓу Косово и Србија.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Г-дине Палмер, еден од аргументите што го користат оние што се против договорот со Грција е дека Македонија и да ги направи уставните измени, нема гаранции дека ќе стане 30-та членка на НАТО. Дали е можно вакво сценарио?

Сметам дека лидерите на Алијансата беа многу јасни на состанокот во јули на кој на Македонија и упатија покана за прием – дека штом ефективно се реши прашањето за името меѓу двете земји, вратата за влез во НАТО за Македонија се отвора. Не би  предвидел никакви проблеми или грижи во овој процесот, очекувам пристапувањето на Македонија во НАТО да продолжи ,,мазно” и брзо.    

Што ако референдумот не биде успешен?

Ако референдумот не биде успешен тогаш наредните чекори ќе зависат од властите во Македонија. Не станува збор за правно обврзувачки туку за консултативен референдум, но политички е значаен и затоа верувам дека е важно што македонската јавност ја има можноста да се произнесе за договорот од Преспа, да даде поддршка или да изрази резерви. Потоа, Владата ќе може да ги земе предвид тие мислења во процесот што претстои.

Главната опозициска партија се уште не го официјализирала ставот за референдумот – дали ќе го повика членството да гласа или ќе бојкотира. Имате ли пораки за ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ?

Мојата порака до лидерите, до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, до нејзините поддржувачи е дека референдумот е можност да се изнесе мислење. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ како партија ќе се согласи да учествува на референдумот, се надевам дека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат да гласаат. Ако се произнесат против референдумот, тогаш тоа е нивно право, зашто ќе ја имаат можноста да го кажат тоа мислење. Вообичаено, бојкотот не е успешна стратегија во демократските процеси и навистина се надевам дека сите избирачи во Македонија ќе ја искористат можноста да гласаат и ќе ги кажат ставовите за договорот од Преспа и, секако, се надевам дека ќе го поддржат договорот.

Неодамна беа обелоденети не многу пријателски активности на Русија и во Македонија и во Грција, насочени главно кон лица и кругови што се противат на процесот за името. Гледате ли можност од слични чекори во наредниот чувствителен период?

Секогаш постои загриженост дека надворешни фактори можеби ќе се обидат да влијаат врз процесите на начин што не е транспарентен и отворен. САД имаат позиција за договорот, многу сме отворени за тоа и се што правиме и велиме е отворено и транспарентно. Не сакам да коментирам за активностите и позициите на други земји, но како САД го поддржуваме референдумот како израз на демократските практики. Тоа е можност за јавноста во Македонија да го изнесе мислењето и како што постојано и отворено порачуваме – многу се надеваме дека јавноста во земјата ќе го види овој договор онака како што ние го гледаме, како пат кон европска иднина за Македонија и нејзините граѓани.

Обелоденети беа наводи за злоупотреба на позицијата и државни средства на одредени владини функционери. Дали ваквите појави го засенуваат декларираниот реформски карактер на владата на Зоран Заев и врвната цел на државата – зачленувањето во НАТО и во ЕУ?

Ги препознаваме и поздравуваме чекорите што оваа влада ги презеде за справување со корупцијата, вклучувајќи и корупција на јавни функционери. Се надеваме дека напредокот ќе продолжи, има уште многу работа. Јасно е дека членството во европските и евроатлантските институции, кои се организации базирани на стандарди, бара Македонија сериозно да го разбере ова прашање, да преземе чекори за справување, да ги спроведе мерките за кои се согласила и да се повикаат на одговорност за сторените дела оние што ја злоупотребиле јавната доверба.       

Во однос на регионот - измени на границите на Балканот, мислам на Србија и Косово? Дали е ова реално остварливо сценарио, имајќи ја на ум кршливоста на ситуацијата во регионот и ,,експлозивноста” што со себе ја носат промените на постојните граници?  

Она што е важно е дека секое решение, дали регионално или пошироко... Наша цел е да се поддржи договор што ќе резултира со целосна нормализација на односите меѓу Србија и Косово, тоа е комплексно, повеќедимензионално прашање. Во тек се преговори што ги води ЕУ со учество на претседателите Вучиќ и Тачи. Силно го поддржуваме тој процес и како што многупати кажавме, сакаме двете страни да постигнат договор што ќе биде одржлив, траен и кога ќе бидат јасни параметрите на тој договор, тогаш ќе бидеме во позиција да решиме кои се нашите ставови за понатаму. Процесот трае и ја има нашата целосна поддршка.

Г-дине Палмер, ви благодарам за интервјуто.

Ви благодарам, уживав во интервјуто