Аселборн: Реков - не можеме да ја напуштиме салата без никаква одлука за почеток на преговори

Автор: Владимир Мирчески | пред 3 месеци | In depth

Минатонеделниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој тема беше препораката од Европската комисија за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија, има неколку главни актери. Покрај шефовите на бугарската и на грчката дипломатија Екатерина Захариева и Никос Коѕиас, кои биле најгласни во убедувањето на своите колеги да се донесе позитивна одлука, забележителна улога одиграл и министерот на една од шесте држави-основачи на Европската Унија.

Тоа е мотивот за „360 Степени“ да отиде во Луксембург и да направи интервју со шефот на дипломатијата Жан Аселборн.

Министре, кога во вторникот попладне го напушташе Советот за општи работи, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, им дофрли на новинарите дека дискусијата за Македонија била разочарувачка, се чинеше дека министрите за надворешни работи на ЕУ нема да се усогласиле за заклучок за Македонија и за Албанија. Но, еден час подоцна, дојде друга вест. Што се случи? Некои велат дека Вие сте имале клучна улога?

Не знам, дали беше клучна улога. Но, слушајте - се сеќавам пред две години, во 2016 немаше заклучоци за проширувањето и сметав дека не можеме да го повторуваме тоа секои две години. На крајот се обидов да ги прашам колегите и претседателството -  дали се уште не можеме да најдеме решение, бидејќи имаше дискусија за некои зборови и за некои реченици. Се сетив на 2005 година кога Македoнија го доби статусот на земја- кандидат. Требаше да чекате 13 години, знаеме зошто. Сега сме 2018 година и мислам дека треба да се почитува ветувањето од 2003 година од Солун - дека секоја земја од Балканот ќе има можност да се зачлени во ЕУ ако ги исполни условите, а сега има многу важен услов што е исполнет. Сега, по 13 години, има договор меѓу Атина и Скопје за името на вашата држава и реков - сега не можеме да ја напуштиме салата без никаква одлука. Ако го одложевме прашањето за следниот Совет за општи работи или за Европскиот Совет, ние треба да ги исполниме нашите ветувања, наша должност е да најдеме решение. И, навистина, дојде во последен момент, но мислам дека на крајот сите беа среќни. Како доајен, јас сум доајен меѓу министрите, тоа не е функција, но јас имам одредено искуство и реков - добро, да се обидеме уште еднаш. Имаше прекин на состанокот и кратко потоа, нешто пред 19 часот, најдовме решение.

Споменавте дека имало дебата за некои фрази и формулации, во заклучокот го нема глаголот „одлучи“, постои фраза дека Советот „се согласи да одговори позитивно“ и не постои глаголската форма „да започнат“ туку „sets out“. Дали се ова клучните компромиси?

Јас само го повторив примерот: ако кажете - јас решив да одам на железничка станица, тоа е исто како да кажете - јас одам на железничка станица. Вие може да ја избегнете оваа дискусија за „се согласи“ или „одлучи“ и да одите директно на преговори.

На крај сте добиле аплаузи од некои колеги, како унгарскиот, што е неочекувано.

Да, тоа е ново, но мислам дека мнозинството се среќни, можеби некои не се многу среќни, но на крајот на денот, мислам дека ја завршивме нашата работа.

Каква беше улогата на бугарското претседателство и на грчките претставници во целиот процес?

Јас мислам дека Екатерина, министерката за надворешни, се обиде да го направи најдоброто, секогаш е тешко да се биде на позицијата претседател, ако гледате дека некои позиции, како да речам, се како замрзнати. Секое претседателство има свои методи, но тука, на почетокот на состанокот, јас видов дека некои земји навистина рекоа -  ова се вашите позиции и не сакаме да ги менуваме, но повторно, дозволете да кажам - не се работи за позициите во одреден момент, се работи за интересот на Европската Унија, а интересот на Европската Унија е да оди во вистинската насока. Стабилизацијата во вашиот регион, знаеме дека ќе имaме потешкотии да го решиме тоа, но штом една тешкотија е решена и мислам дека е решена, не можам да замислам дека луѓето во вашата земја ќе кажат „не“ и не можам да најдам ниту една причина зошто луѓето во Грција би рекле „не“. Затоа, ние треба да дадеме охрабрување, а не да кажеме добро, на вас е да одлучите, а потоа ние ќе одлучиме. Не, мислам дека тоа беше вистинскиот пат.

Ја споменавте вистинска насока и проблемите и споровите во Европската Унија. Нели е малку разочарувачки што Макрон и Руте се на власт во Франција и во Холандија, а на крај се чини дека лидерите на крајната десница Ле Пен и Вилдерс ги носат одлуките во име на овие две важни земји?

Не би сакал навистина да ги ставам Руте и Макрон во ист кош со Ле Пен, тоа е друга приказна. Мислам дека Макрон, и тој не е сам во тоа во Европската Унија, застапува пристап дека прво мора да ја продлабочиме Европската Унија, а потоа да се прошируваме. И тоа го гледаме во сите овие години. Позицијата на Холандија, пак, отсекогаш беше иста. Во моментов, не сум тука за да ги обвинувам Макрон или Руте, Франција или Холандија. Можам само да ви кажам дека на крај имаше флексибилност и ја искористивме можноста. 

Во Македонија власта вели дека заклучокот значи датум за старт на преговори. Опозицијата тврди ова е само уште еден пораз за државата. Како вие ги читате заклучоците и може ли Македонија да се надева на старт на преговори во јуни 2019 година?

Демократијата, исто и во вашата земја, е многу важна. Имате позитивни мислења  и мислења што се поскептични. Можам да ви кажам дека следната година ова нема да се повтори. Тоа, исто така, зависи и од вас. Кога велам од вас, првенствено мислам на тоа што ќе се случи со договорот за името и второ, што е и поважно, се реформите. Тие не се измислени за да се стане добар ученик во Европската Унија, да се биде добра земја во очите на Европската Унија. Тоа е нешто за вас самите, за граѓаните. Мислам дека овде мора да има пробив, за навистина, да се реформира судството, борбата против корупцијата, сите овие важни нешта и да се изнесе земјата на подобар колосек. Тоа е најважното, она што е за вас. Мислам дека дебатата меѓу власта и опозицијата, тоа е нешто што се случува во секоја земја, тоа е демократијата и се надевам дека ќе функционира.

Европската комисија, со која раководи вашиот сонародник Жан Клод Јункер, ја постави 2025 година како најран возможен датум за прием на нови земји-членки. Дали е тоа реалистично?

Не играм со датуми. Знаете, се сеќавам во 2005 година сите велеа дека до 2015 сите земји од Балканот ќе бидат членки на Европската Унија. Сега зборуваме за 2025. Не, не сакам да зборувам за датуми. 

Како земја-членка на НАТО, дали можете да ги потврдите изјавите на генералниот секретар Јенс Столтенберг дека на самитот следната недела во Брисел, Македонија ќе добие покана за членство во Алијансата?

Тоа е на агендата и мислам дека досега нема противници на овој предлог. Но, да видиме. Тоа е на 12 јули, па ќе видиме. Знам дека НАТО, исто така, е многу важно за вашата земја. Мислам дека овој чекор не е чекор против некого. Не е чекор против голема земја од истокот на Европа. Тоа е чекор за повеќе безбедност на вашата земја. Мислам и дека во НАТО, во следните години, ќе има дебата. НАТО не е само 2% од БДП за одбрана. Важни се и ориентацијата на НАТО и очекувањата што е потребно НАТО да направи и што всушност е НАТО. Можам единствено да ви кажам дека, од моја перспектива, НАТО е ентитет како Европската Унија во кој владеењето на правото мора да биде приоритет. За секоја земја во НАТО. И за тие што пристапуваат и за тие што се веќе внатре. Ова е дебата која - да, не е се толку јасно во некои земји-членки на НАТО. Па, се надевам дека вие навистина, не можам баш да го кажам името, Северна Македонија, ако ... не го кажувам ова за Вас, но ако НАТО може да ви обезбеди повеќе безбедност, безбедност за граѓаните, мислам дека ќе има позитивен ефект.