Нечев: Намалување на помошта, исклучување од европските партиски федерации и воведување санкции

Автор: Васко Попетревски | пред 8 месеци | Дебати

Погледнете го интервјуто за „360 степени“ со Зоран Нечев, постар истражувач во Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, поранешен вработен во владиниот Секретаријат за европски прашања, во тој период и шеф на кабинет на еден од вицепремиерите за евроинтеграции. Тема е актуелната политичка состојба, блокадата на Собранието, и можните реакции од меѓународната заедница.

- Освен засилен дипломатски притисок, намалување на помошта, финансиската пред се, што пристигнува од ЕУ, исклучување на политички партии од европските партиски федерации, и воведување на санкции на определени политичари, не гледам други инструменти за влијание на ЕУ. Сепак, поради деликатноста на ситуацијата, не сум сигурен колку овие инструменти ќе вродат со плод. Она што можеме да го очекуваме како резултат на тоа, е продолжување на кризата, јас би рекол, во недоглед. Сведоци сме на континуирано игнорирање на пораките од Брисел, преку блокирање на парламентотот, недавање на мандатот од страна на претседателот, или избегнување средби со претставници на ЕУ. Проблемот е што ЕУ ја нема истата моќ за притисок врз политичките елити што е директна консеквенца на падот на кредибилитетот на пристапниот процес, а директна последица е вакумот во кој е ставена Македонија во изминатите десетина години - вели Нечев.