Урбанистички хаос во Скопје

Автор: Славица Филиповска | пред 3 месеци | In depth

Десет минути интензивен дожд  во Скопје е доволен за целосно поплавување на канализационата и атмосферска мрежа на градот. Сечењето на зеленилото и градежната експанзија ги натера граѓаните да станат „инспектори за урбанизам“, кои будно ги следат плановите на општините.

„Силеџии, силеџиство, ништо друго.“, велат граѓаните.

Аеродром, Центар, Карпош веќе се претворија во населби со двојно повеќе жители од капацитетите, зошто нема одлучност кај градоначалниците за крај на градежната експанзија воведена со „амин“ од претходниците?!

Има ли излез?

Уставниот суд го укина деталниот урбанистички план Z06 на општина Карпош. Планот е во населба Тафталиџе, за кој локалното население жестоко реагира подолго време оти зелени катчиња се претвораат во висококатници.

Одлуката на Уставниот суд е укинувачка, а не поништувачка. Тоа значи дека општината веќе не смее да издава нови градежни дозволи додека не го измени планот. Одлуката не ги опфаќа веќе изградените бетонски зданија, кои додека одлучуваше Судот, веќе никнаа во Карпош. Токму поради ова, граѓанските активисти бараат брза реакција на Уставниот суд и за три други иницијативи за детални урбанистички планови во Карпош, кои според нив се закана за животната средина во општината.

Правда пред Уставен се бара поради сомнеж за незаконско носење на плановите во општината во време на претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски, вели активистката Невена Георгиевска. Ја снимавме на булеварот Илинден, каде се случува градежна окупација.

„ Z04 – овој урбанистички план е даден на Уставен суд заради тоа што се сомневавме дека не е запазена процедурата на негово донесување и донесено е решение од Уставен суд да се поведе таква постапка. Освен овој план, и  Z05 делот од Карпош 3 и Z19 делот во Влае. Ги следевме последните 3 години што се случуваше во општината Карпош, како се носеа тие детални урбанистички планови. Бев сигурна дека сигурно има пропусти и дека новата власт самата ветуваше така, пред изборите дека ќе се направи ревизија на сите детални урбанистички планови и дека на некој начин ќе се стопира ова лудило што се случува во Карпош, градењето според нас неплански и набрзина.“, вели таа.

Во постојниот сообраќаен и урбанистички хаос, Георгиева вели дека уште една цела населба на булеварот Илинден би била премногу за нормално живеење.

„ Не знам, јас едноставно би требало да се иселам од Карпош затоа што и сега веќе не се живее, имаме неподнослива бука од сообраќајот, градинките се пренатрупани, се чека година дена за запишување на дете, доколку овде би имало улица не знам, најверојатно наместо половина час од работа, би требало 40 минути, 50. Сметам дека кога би се правело ревизија на сите овие ДУП-ови да се проверат сите бројки ќе излезат многу нерегуларности. Поднесовме барање самата општина да донесе мораториум.“, алармира Георгиевска.

Освен ДУП-от за Тафталиџе, за кој веќе има одлука, Судот ги разгледува и другите иницијативи, но нема рокови до кога треба да се изјасни. Од друга страна, инвеститорите на терен итаат да ги комплетираат бетонските зданија. За ова свесен е и градоначалник Стефан Богоев, кој вели дека проблемот е наследен но, за идните чекори, ќе почека на одлуките од Уставен. Дури и да се прогласат за незаконски ДУП-овите, дилема е како ќе се усогласуваат плановите, за што градоначалникот бара и правен совет.

„Веднаш штом донесе Уставен суд, доколку нема правна поука што тоа значи за општината, да бараме правно толкување од Уставен веднаш што треба да преземе општината следни чекори, што тоа значи, што со постојните, што со идните, што со планот? Треба да правиме дополна, измена, верувам дека и  во одлуката ќе има правна поука, она што сакам да им го порачам на граѓаните – битката почна и битката ќе трае, пак ќе кажам, ако се лажеме дека одеднаш се ќе запре – се лажеме. “, вели Стефан Богоев – градоначалник на општина Карпош.

Но, Богоев, индиректно начнува и друг проблем.

„Ако на нив им пречат некои градби и тоа е проблемот зошто се бунтуваат и зошто сметаат дека тоа предизвикува во загадувањето и промена во микроклимата, можат да замислат дека јас, покрај истите аргументи што ги споделувам со нив, дополнително се борам и со правни пречки, да не кажам и други формални и неформални препреки, меѓутоа еве, јас сум влегол во таа борба и со нивна поддршка ќе биде долготрајна, ќе биде лоша, на моменти ќе се караме и меѓу себе, но ве убедувам на крај ќе има позитивен исход за сите.

-Имате притисоци сакате да кажете?

Не би кажал детали.“

Богоев ветува дека за следните детални урбанистички планови што ќе се носат, граѓаните целосно ќе учествуваат во одлучувањето, но кај она што веќе е изградено на проблематично тло, нема простор за интервенции.

Бетонизацијата не е закана само за Карпош, иако е една од општините каде најмногу се гради.  За десет години, во Карпош се изградени 3 950 станови. Општина Центар добила 3 627 станови, а општина Аеродром е рекордер, со 5 615 нови домови изградени за десет години. Дури и во просек по двајца да живеат во секој нов стан, тоа значи дека овие општини за десет години добиле станари во број како цело Берово, Делчево, Македонска Каменица и Пехчево ЗАЕДНО да се доселиле во овие општини во Скопје.

Бројките се објаснување зошто звуците од Градежната механизација се секојдневие и за жителите на Аеродром. Додека помладите се преокупирани со обврските, повозрасните под будно око го следат секој шум во населбата.

„Оваа е нашата зграда?

-Да ова е нашата.“

Ова е населабата Острово, за која граѓаните велат дека и се  подготвува замена со градби на секое можно зеленило.

„Овие од кај Тинекс, ова е новоформирана улица што ќе проаѓа овде, еве ги овие згради овдека сега што почнаа да прават таму, пред нашава има уште една и таму кај мостот има уште една зграда. Ова е новоформираниот пат, тука што ќе рушат ќе прават, а нас ни го затвораат.“

„ Силеџии, силеџиство, ништо друго.“, велат граѓаните.

Додека жителите анализираат, на неколку метри од нив веќе се гради. Инвеститорите одат по зацртаниот пат, а граѓаните велат дека тропаат на затворени врати во општината.

„Тоа е почнато веќе, тешко да успееме...“

Но, Острово не е единствената локација каде се планирани нови згради. Парцелата кај Мајчин Дом, просторот кај Тобако 2, кои екс градоначалникот Ивица Конески го чинеа пораз на изборите, продолжуваат да се реализираат и во време на новиот градоначалник Златко Марин.

„Годината е 2018-та и на власт тука е градоначалникот Златко Марин, а не како до пред некоја година Ивица Конески. За жал, пејсажот е ист како во времето на Ивица Конески и може да се забележи прашина на сите страни и нови згради кои никнуваат како печурки. До пред речиси 3 месеци на ова место имаше парк со детски лулашки и со многу дрвја кои беа пресечени за да се изгради оваа зграда. Градоначалникот вели дека тоа е по вина на поранешниот градоначалник Ивица Коневски, бидејќи тој дал одобрение за  градба, Ивица Коневски дека тоа е поради претходниот градоначалник и ако одиме така може Тито да го дал одобрението.“, вели Искра Манојлоска од Иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“.

Манојлоски вели дека нема соборци што би ја поддржале во битката за спас на зеленило во општина Аеродром. Но, нема слух ниту од општината. Пред два месеца емисијата „Проверено“ објави дека за зградата кај Тобако 2, изведувач е фирмата „Специјал градба“, чиј управител е Кочо Стојчевски, раководител на Секторот за локален економски развој на општина Центар, познат и како нарачател на инспекцискиот надзор на зградата на ВМРО-ДПМНЕ. На тоа градоначалникот одговори дека не го интересира и нема надлежност да проверува кој гради.

Златко Марин, кој кампањата ја темелеше на критика на спорните ДУП-ови на претходникот Коневски, сега со молк ги следи граѓанските реакции, иако камиони на градежните компании го окупираат Аеродром.  За „360 степени“ вели дека ставот не е променет, туку дека и тој, како и другите градоначалници нема право да интервенира на веќе донесени дупови.

„Според правилникот што е од 2015-та година, правило на бришење на маркици ние немаме.  

-Дали знаете дека токму овие детални урабнистички планови го чинеа пораз претходниот градоначалник на локалните избори?

Па токму затоа, ние во иднина нема да ги правиме по теркот како што ги правел претходникот.“, вели Марин.

И по осум месеци од промената на власта во Аеродром, ревизијата на она што е направено претходно не е готова.

„Од ревизијата ќе излеземе официјално со соопштение дали сме нашле неправилности во носењето на тие детални урбанистички планови. Во моментот еден план И10 е даден на Уставен суд и соработуваме со Уставниот суд околу целата потребна документација што ни ја бараат, меѓутоа тој не е ставен вон сила се уште е активен до неговата конечна одлука.

-Зошто досега ја немате изготвено ревизијата?

Па ја работиме, не е едноставна работа.“, вели градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин.

За разлика од Аеродром, локалната власт во општина Центар од март има прогласено мораториум на сите детални урбанистички планови. Забраната за градење во Центар ќе трае до септември, а административците ја чешлаат планската документација до детали. Речиси и да нема план, кој не е проблематичен.

„Јавниот простор не се третирал никако. Друга една работа која никако не е третирана е квалитетот на живот односно хуманите услови на живеење. Еве ја анализата на сенките, зеленило нема ни да вирее ако не допре сончев зрак.. еве овде како е планирано, а како треба да биде. Сите овие планови кои се во некоја фаза на донесување, кои не се донесени, ние сега ги унапредуваме. Постои една стручна комисија која има утврдена методологија за квалитативна еволуација, по сите тие чекори прави се прават забелешки и  извештаи кои му се доставуваат на планерот, односно на планерската куќа за да ги имплементира во планот. До последно се внимава сите забелешки да бидат имплементирани во планот, за да планот кој ќе дојде на јавна расправа им биде доволно јасен на граѓаните.“, вели Јана Белчова – претседател на Совет на општина Центар.

Но, паралелно со ревизиите, од општината велат дека одлучуваат и за уривање секаде каде што има законска основа. Така „паднаа“ споменикот на Ќосето пред судовите и неколку бараки во центар, но не и спорната тераса на партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалниот Саша Богдановиќ вели дека партиското седиште е доказен материјал во истрага и мора да се почека судската завршница, но за уривање на незаконските градби нема дилема.

Дали тоа значи дека таму каде што е веќе изградено, а сепак не била испочитувана процедурата дека ќе се легализира тоа, бидејќи е доцна да се интервенира или ќе има рушење?

„Не не, таму каде што има решение донесено за рушење, таму постапуваме. Веќе имаме неколку објекти постапено. Сега сме во фаза, беше расчистувањето на Урбан парк, потоа следи расчистување на дивите тераси кои се сериозен проблем на општина Центар веќе подолго време ... имавме неколку реакции и за „Беко“, тука станува број за приватна сопственост,  ние не може да реагираме на волјата самиот сопственик, дали сака да прави реконстукција.Тоа е негово право, ние само изрекува мерки и глоби во случај да имаме проблеми, имаме веќе постапено неколку пати.“, вели Саша Богдановиќ – градоначалник на општина Центар.

На другата страна на вагата е финансискиот интерес и на општините, оти големи приливи во општинските каси влегуваат врз основа на комуналии.  И државата гледа свој интерес во тоа градежната механизација да биде активна, бидејќи тоа директно се одразува на економскиот раст. Квалитетот на животот на граѓаните се уште не добива видно место во пресметките.