Арсовски: За референдумот за името да биде фер треба да се исклучи цензусот

пред 5 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, комуникологот Петар Арсовски, зборуваше за референдумот за договорот за името и прашањето на потребниот цензус од над 50% за тој да биде успешен.

- Дали по таа логика бидејќи го избираме претседателот со 40%, тој е нелегитимен? Или дали по таа логика, бидејќи за пратениците нема цензус и можеме да ги избереме и со 20% излезност, а формално имаат право да ја сменат Македонија и во уставна монархија, дали значи дека и тие немаат легитимитет - запраша Арсовски.

Тој рече дека моделот на референдум кој го има Македонија е наменет за прашање за кои треба да се надгласа некаква претходна одлука, како со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа и со тоа не е правилно применлив за прашањето за името.

- Референдумот не е само анкета. Тој произведува правно дејство и на него двете страни треба да имаат подеднаква шанса да го спроведат своето мислење. Задолжителниот референдум дозволува еднаквост помеѓу недостиг на цензус и мнозинство против. Ги едначи тие и така оние кои се противници на договорот имаат двојно повеќе шанси да успеат на референдумот отколку оние што се поддржувачи на договорот, и покрај тоа што поддржувачите можеби се мнозинство. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ или противниците на договорот кои можеби се малцинство, со едноставен технички бојкот можат да ја изиграат волјата на мнозинството заради вака поставениот референдум. Нели мислите дека тоа е малце нефер - рече Арсовски.

Како што рече Арсовски, единствен начин за обезбедување фер натпревар во кој и двете страни ќе треба да ги стимулираат гласачите да излезат е да се исклучи цензусот како услов.