Македонија повторно ќе побара екстрадиција на бегалците Грујевски и Бошковски од Грција

Автор: Александар Димитриевски | пред 4 месеци | In depth

Кога грчкиот Врховен суд одлучи да не ги екстрадира бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, затоа што еднаш биле помилувани, судиите во Атина пред себе немале допис или објаснување за актот на претседателот Ѓорѓе Иванов, доставен од македонското министерство за правда. Заменик-министерот Оливер Ристовски за 360 степени открива каква документација е испратена во Грција и што дополнително е побарано од тамошните власти.

-  Тука се обвинителниот акт, во секој случај, и сите можни мислење кои се прибавени пред се од министерството за внатрешни работи за достапноста на лицата на територијата на Република Македонија, начинот на кој го знаеме на кој се излезени од територијата на Република Македонија, тоа се појави со пасошите и слични ... После краток период од првото доставување имаше едно барање за дополнување, кратко дополнување на документацијата, каде ние прибавиме и од Основниот суд Скопје 1 и од министерството за внатрешни работи дополнителни некои детали кои ги интересираше министерското за правда на Република Грција и веднаш и тие ги преведовме и ги доставивме ... Доказите кои се кон обвинение не се доставуваат со обвинителниот акт при екстрадицијата.- изјави за 360 Степени заменик-министерот за правда Оливер Ристовски.

Причината што правда не дала контра-аргументи на жалбата на одбраната до грчкиот Врховен суд, во која клучен елемент биле помилувањата од Иванов, според Ристовски, не е превид. Тоа, според процедурата, било невозможно.

- Не е испуштено ништо од министерството за правда. Конкретно за аболицијата ако веќе за тоа зборуваме, дали се аболирани или не се аболирани, воопшто не станува збор во преписката која што ја имаше министерството за правда со министерството за правда на Грција. Преписката беше интензивна, со целосна документација од наша страна доставена и за вакво нешто воопшто не стана збор. Ниту пак сме ние надлежни да разговараме за тоа со министерството за правда на Грција ниту пак таа не праша на овие околности. Ова првпат се изнело, и ние така разбравме, во таа жалбена постапка која одела од првата одлука за екстрадиција до Врховниот суд на Грција. Таму ингеренции на министерството за правда нема никакви. Ниту пак има министерството за правда на Република Грција.- вели Ристовски

Токму поради неможноста да го презентираат својот став, од правда најавуваат дека, речиси сигурно, повторно ќе побараат екстрадиција за Горан Грујевски и Никола Бошковски.

- Да не зборуваме во проценти, мислам дека ќе направиме секако обид. Најверојатно од повеќе причини. Една од причините е и што случајот на кој се повикуваат, ако е тој, Лекса со Словачка, не е идентичен како што беше случајот во Република Македонија. И патем речено, со Србија сме имале ист ваков случај, каде што одбил Врховниот суд на Србија, сме дале ново барање и бил екстрадиран обвинетиот.

Случајот Лекса против Словачка е пресуда во корист на поранешниот шеф на словачката тајна полиција, за кој судот во Стразбур утврдил дека не смеел да биде гонет откако бил помилуван и покрај тоа што помилувањето подоцна било повлечено. Како и на редица домашни експерти, ставот на правда е дека случајот не е ист со „македонскиот“ бидејќи во Лекса незаконитоста е во повлекувањето на помилувањето, додека во Македонија, проблемот е во законитоста на самото помилување.

Илустративно, толкувањето е дека правото на претседателот на Македонија да помилува без никаква процедура извира од членот 11 од Законот за помилување од 1993 година. Кога повикувајќи се на тој член Црвенковски го помилува Заев, во 2009 година власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направи измени и дополнувања на Законот за помилување при што член 11 е избришан а со тоа и правото на претседателот да помилува без претходна процедура. Во 2016-тата Уставниот суд ги укина измените и дополнувањата од 2009-тата. Но, со оглед на фактот дека укинувачката одлука не создава право туку констатира што е неправо, толкувањето е дека укинувањето на измените во 2009-тата не значат дека на сила е вратен членот 11 а со тоа и правото на претседателот да помилува без процедура. Па сепак, Иванов помилуваше токму според тој член 11.

Но, за воопшто да има ново барање за екстрадиција потребно е прво да стигне пресудата на грчкиот Врховен суд. Македонските власти ветуваат дека кога тоа ќе се случи, јавно ќе ја презентираат. Од одбраната на Грујевски и на Бошковски не ги коментираа последните најави за нова постапка за екстрадиција. Ставот до неодамна беше дека нема простор за такво нешто, бидејќи одлуката на судот во Грција е базирана на пракса на Стразбур и на дополнителни топкувања.   

Пред било кој суд, па дури и во Македонија, постапката би требало, односно одговорот би требало да биде ист, како и во Грција... Дури и Институтот за меѓународно право даде мислење дека доколку постои помилување понатаму овие луѓе не можат да бидат гонети и против нив не може да биде распишувана било каква меѓународна потерница и не може да биде поднесено барање за екстрадиција.- изјави за 360 Степени на 28.05.2018 година адвокатот Петар Василев.

Од судењето за предметот „Титаник“ веќе е јасно дека пресудата на грчкиот Врховен суд е аргумент на одбраната во предметите на СЈО, да бара прекин на гонењето на нивните клиенти кои беа помилувани од Иванов. Засега не се знае како ќе се постават судиите во предметите во кои ќе има такви барања.

А судот за човекови права веќе се занимава со предмети на СЈО. Агенцијата Макфакс вчера јави дека годинава до Стразбур стигнале неколку жалби од бранители на обвинети од СЈО и дека станува збор за индивидуални жалби за различни повреди на постапката. Нема информации за кои точно повреди се жалбите ниту дали судот се изјаснил за прелиминарна допуштеност на пријавите.