Република Северна Македонија за севкупна употреба и македонски јазик: се очекува договор Заев-Ципрас

Автор: Владимир Мирчески | пред една недела | In depth

За Македонија идентитетот, за Грција сложено име за ерга омнес употреба – Скопје и Атина го финишираат преговарачкиот процес. Во денешната телефонска комуникација двајцата премиери ги „пеглале“ последните детали од пакетот по што се чини дека е чист патот да се објави договор во најскоро време.

Официјално, детали не се откриваат, но неофицијално, договорот се темели на сложеното име Република Северна Македонија кое ќе биде за севкупна употреба и ќе биде преведливо на сите јазици, на пример на англиски Republic of North Macedonia.

За сметка на тоа земјава добива чисто именување на јазикот како Macedonian. Во графата за државјанството ќе пишува Macedonian/citizen of Republic of North Macedonia.

Придавката Macedonian ќе може да се користи од нашата страна во етнокултурен контекст. По потпишувањето, договорот ќе оди на ратификација во македонскиот парламент по што Грција ќе даде согласност земјава да добие покана за прием во НАТО и датум за старт на преговори со ЕУ.

Во вечерашниот настап премиерот Заев кажа дека утре уште еднаш ќе разговара со Ципрас и дека неговиот оптимизам најверојатно ќе се оствари. За детали не зборуваше.

Прашањето е зошто Алескис Ципрас реши токму сега да влезе во решавање на 25-годишниот спор и дали тоа дополнително не му ја комплицира ситуацијата на домашанта пиолитчка сцена зашто заостанува во рејтингот зад опозициската Нова Демократија. За ова денеска разговарав со еден од највлијателните надворешнополитички новинари во Грција, Василис, Недос, од тиражниот весник „Катимерини“, кој деновиве е во Скопје.

- Главно станува збор за тајмингот. Не знам многу за Сириза, но најверојатно, Алескис Ципрас како премиер сака да го зголеми својот имиџ како лидер преку испорачување решение за прашање кое постои 26-27 години - вели Недос.

Зошто актуелната грчка опозиција – Нова Демократија толку се противи на процесот за името и изнаоѓање брзо решение за името во овој период?

- Затоа што прашањето за името е прашање што повеќе влијае врз мислењето на десничарските лидери, конзервативните лидери и мислам дека Нова Демократија има значајни стравови дека тоа најверојатно ќе води кон поинаков пристап на конзервативната јавност во однос на националните прашања. Тоа, исто така, би имало последици врз нејзиниот електорат и затоа Нова Демоклратија сака сега прашањето да биде замрзнато главно заради политички и предизборни цели бидејќи во 2019 има избори во Грција - вели Недос.

Друго значајно прашање поврзано со политичките состојби во Грција е дали Ципрас ќе обезбеди мнозинство во парламентот за ратификација на договорот имајќи во предвид дека неговиот коалициски партнер – крајнодесничарската „Независни Грци“ на панос Каменос најави дека нема да гласа за таков документ. Еве што за ова вели Англеос Атанасопулос од влијателниот весник „То Вима“.

- Всушност не мислам дека тоа ќе биде голем проблем. Грчкиот устав дозволува усвојување на вакви меѓународни договори со не многу големо мнозинство. Но, мислам дека она што владата би го посакувала е, бидејќи од она што го знаеме партијата „Независни Грци“, која е помал коалициски партнер, нема да поддржи договор... Сириза сега има 145 пратенички места во парламентот и не мислам дека ќе биде многу тешко за неа да најде 5 или 6 гласови. Но, беза разлика на тоа, проблемот ќе биде во тоа што главната опозициска партија ќе ја обвини владата дека нема мнозинство да продолжи да владее. Всушност, ова ги комплицира работите – едно е владејачко мнозинство, друго е мнозинство потребно за ратификување решение-договор - вели Ангелос.

Каде, од грчка позиција, гледате можни пречки во имплементирањето на договорот?

- Мислам дека главниот компромис за грчката страна беше како да се обезбеди erga omnes имплементација. Според мене, иако немам целосна информација, е дека има отстапка за јазикот и идентитетот од ваша страна, и erga omnes од наша страна. Мислам дека тоа е главниот компромис. Важно е и секвенционирањето по постигнувањето на договорот – како ќе се ратификува договорот, како ќе им се пристапи на прашањата на НАТО и ЕУ, ова навистина ќе биде комплицирано и затоа треба внимателно да се изработи и меѓу нас кажано, сметам дека ова беше една од главните пречки за толку да се оддолжи телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери зашто двете страни бараа најдобар излез од овој проблем - вели Ангелос.

Марилена Копа, која во два мандата беше европратеничка, инаку долги години блиска соработничка на Јоргос Папандреу и директно инволвирана во обидите за решавање на спорот, смета дека веќе има мнозинство во грчкиот парламент за ратификување на договорот.

Сметате ли дека решение базирано на име за erga omnes употреба ќе помине во грчкиот парламент?

- Да, ако е erga omnes име зашто она што ни треба е име кое навистина и засекогаш ќе го реши овој проблем. Сакаме име кое важи и внатре и надвор од земјата – за севкупна употреба. Затоа, сметам дека, ако нашите информации се точни, и има договор за тоа, тогаш тоа може да биде ситуација од која сите добиваат - вели Копа.

Грчката влада, мислам на најголемата владејачка партија – Сириза, без пратениците на „Независни Грци“ на Панос Каменос, нема доволна поддршка за договорот да го изгласа во парламентот. Каде ги гледате потенцијалните „за“ гласови во грчкиот парламент за договор за името?

- Мислам дека многу пратеници од центарот и левицата ќе гласаат „за“, многу од нив тоа и го кажале како Ставрос Теодоракис од „Потами“ и дрги така се изјасниле – дека ќе поддржат договор ако тој ги содржи сите услови кои ги споменавме – erga omnes. Верувам дека има можност одредени пратеници на „Независни Грци“ на Панос Каменос да гласаат „за“

Мислите дека тоа е можно?

- Да.

Како вашата, би ја нарекол, политичка структура ќе се однесува во услови кога има можен договор и кога тој договор ќе треба да се ратификува во грчкиот парламент? Каков став ќе заземе?

- Мислам дека се зависи од конкретната содржина на договорот. Зашто по толку многу години никој во Грција не верува дека ќе има erga omnes решение и промена на Уставот. Така што, ако има ветување за овие два елемента, тогаш верувам дека работите ќе се движат „мазно“ и во вистинската насока - вели Копа.  

Во Македонија најверојатно наесен ќе се одржи референдум. Ако биде успешен потоа ќе се влезе во процедура на промена на Уставот. Некои не исклучуваат заедно со референдумот да се одржат и предвремени парламентарни избори.