Поповски: Економијата е на граница на рецесија, Владата треба да види дали мерките потфрлиле

пред 4 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“ поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, зборуваше за растот на БДП од само 0,1% во првиот квартал од 2018 г. и за тоа кои се причините и какви се перспективите.

- Мислам дека е изненадувачки за сите од најмалку две причини. Се очекуваше дека нема да биде 0. Бидејќи 0,1% и 0% е исто, ова е стагнација на економијата, на граница на рецесија, му треба само 0,2% надолу, да биде првото тромесечие во рецесија - рече Поповски.

Тој рече дека е загрижен од малиот раст на индустријата којашто учествува со 20% од Бруто домашниот производ (БДП). Според него се отвара прашањето дали владините мерки потфрлиле.

- Таа не е зависи од владиниот интервенционизам за инвестиции во инфраструктура, што значи дека таму владините мерки потфрлиле кои се за 2018. Не се спровеле. Дали се погрешно поставени? Дали се поставени добро, но не се спроведуваат? Моето мислење е дека владата треба брзо да ги утврди двете причини што произлегува од двете овие работи - рече Поповски.

Поранешниот министер за финансии смета дека за македонската економија го достигне очекуваниот раст од 3,2 отсто до крајот на годината, следните три квартали ќе треба да имаат раст од 4,2 отсто, што никогаш не се случило.

- Ние имаме ситуација кога после една стагнантна година, сите очекувавме дека во споредба со 2017, економијата природно ќе отскокне, особено што на домашната сцена се стабилизираа политичките случувања, што значи нема неекономски фактори, а дистрибуцијата на надворешните фактори е добра. Прво, најзначајниот партнер на македонската економија - ЕУ, расте со 2,5 отсто. Таа е огромна економија, ние од неа сме 0,04 отсто само. Нејзиниот пораст од 2,5% може да повлече и повеќе заради извозната ориентираност. Америка расте со 2,8 отсто. Светот на кој ние припаѓаме, со среден доход, според Светска банка расте со 4,5 отсто. Тоа значи дека ние не сме се снашле во ова глобално опкружување кое е поволно за нас - рече Поповски и напомена дека Владата треба да размисли што се случува.

Поповски смета дека треба да се ослободат пазарните сили во македонската економија кои се задушени од владиниот интервенционизам.