Интервју со Иво Вајгл: Никој во ЕУ не смета дека треба да има нови избори, потребна е нова Влада

Автор: Владимир Мирчески | на 4.2017 | Дебати

„360 степени“ направи интервју со Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл.

Ставовите што ги изнесовте на дебатата за Македонија, дел од овдешните медиуми ги протолкуваа како ваши лични, а не позиции на Европскиот парламент?

- Видете, јас сум известувач за Македонија во Европскиот парламент и секако дека настапувам во тоа својство. Дали е тоа усогласено со ставовите на сите во ЕУ, се сомневам, но поголемиот дел од дискутантите кои учествуваа во расправата и поголемото мнозинство од оние кои се изјаснуваа за случувањата во Македонија се совпаѓа со тоа што јас го изнесов како, би рекол, загрижен известувач за Македонија.

Поради таквиот Ваш настап во Македонија некои веќе ве ставија во групата на т.н. платеници и луѓе на Сорос?

- Јас немам никаква врска со Сорос и мислам дека таквите инсинуации се најголема глупост, но јас не сакам да учествувам на такво ниво во дебати во Македонија.

Која е позицијата на ЕП, зашто гледаме едно обединување во изјавите, на кои се приклучи и групата на европските десни и народни партии, дека кризата треба да заврши преку избор на нова влада, а не преку нови избори.

- Се уште не сум слушнал ниту еден човек во ЕП кој смета дека треба да се оди на нови избори. Според тоа, ставот на ЕП, на ЕК, како и ставот што го изнесе г-динот Туск за време на посетата на Скопје, а тоа се ставовите што можете да ги слушнете од сите страни – од НАТО, од претставници на пријателски држави дека треба да се почитуваат резултатите од изборите и дека треба се оди по патот на нормални, демократски процедури што значи дека оној што има парламентарно мнозинство треба да добие мандат за влада и тука нема никаква друга игра. Сето останато се некакви слободни интерпретации чија очигледна цел е да се оддолговлекува процесот на формирање влада. Сите ние изразивме загриженост, јас прв како известувач, за кризата да не влијае на приближувањето на Македонија кон ЕУ – нешто што сите го посакуваме и сакаме стабилна Македонија.

Во ваштето обраќање јасно споменавте за опструкции во македонскиот парламент кои траат веќе неколку недели. Што треба да се стори зашто опструкциите преку маратонски дебати можат да продолжат со месеци и земјата да остане во континуирана политичко-институционална криза?

- Би сакал да го избегнам ова прашање, односно не можам да дадам одговор зашто одговорот може да го даде само македонската политика. Мислам дека партиите треба да се договорат за наредните чекори.

Никој не може на Македонија да и инпутира одлуки што ќе се носат во Парламентот. Повторувам дека интересот на ЕУ, преку сите кои имаат мандат да зборуваат во нејзино име, јас можам да зборувам во име на ЕП, е дека треба да се почитуваат демократските процеси, а тоа значи формирање влада, избор на претседател на Собранието и да се продолжи со реформите кои на Македонија повторно ќе и дадат основа за аспирација за членство во ЕУ. Сите ние што учествуваме во тој процес, особено во ЕП, сакаме Македонија да го направи следниот чекор, а тоа би значело дека по консолидирањето, по изборот на влада, откако ќе завршат тензиите во земјата, како наредна цел да се утврди почеток на преговори за членство, ние тоа го напишавме во нашиот извештај – дека билатералните проблеми меѓу државите, а тука спаѓа и прашањето за името, не би смееле да бидат пречка за старт на преговорите зашто тие спорови можат да се решаваат во текот на тие преговори.

Стравувате ли дека ако продолжи ваквата ситуацијата, ЕУ би можела да воведе санкции против некои лица од Македонија?

- Тоа исто така е прашање за кое во овој момент не би сакал да шпелкулирам, но во секој случај таквата ситуација е опасна пред се за Македонија, тоа може да води кон дестабилизација на регионот и секако ако кризата продолжи ќе треба да се разговара за тоа дали е можен  расплет на некој друг начин.

Дали ЕУ би признала влада која би била избрана без Ѓорѓе Иванов да го додели мандатот?

- И тоа е внатрешно прашање на Македонија и она што е добро и прифатливо за Македонија тоа ќе биде прифатливо и за ЕУ кога тој процес ќе биде доведен до точка кога ќе може да се каже дека Македонија има влада и конституиран Парламент.