Граѓани загрижени за гасоводот на Водно, но и низ Скопје - бараат промена на трасата

Автор: Славица Филиповска | пред 3 месеци | In depth

Водно, белите дробови на скопската котлина. Пасиштата, шумата и другиот животински и растителен свет, го прават идеално прибежиште од скопскиот урбан хаос. Но, механизацијата на терен и увидот во документацијата за трасата од гасоводот што треба да поминува низ Водно, предизвикаа остри реакции од граѓанските активисти. Меѓу најгласните е Андреa Јанков, архитект, кој тврди дека на Водно му се заканува екоцид.

„Фактички оди од Арачиново, кон Драчево, па од Драчево оди во општина Сопиште, каде по сртов води се до оној натпис кој може да го видете, при што продолжува...“

Со Андреа го поминавме делот од трасата за магистралниот гасовод, за кој невладините велат дека е најпогубен за густата и живописна шума, но и за ендемските видови инсекти и растенија на Водно. Планот е гасоводот да се поставува по сртот на Водно, но поради конфигурацијата на теренот, неопходна е и сеча на дрвја. Неколку веќе се уништени само со качување на машините, а за да се одржува гасоводот, дел од шумата трајно ќе се пренамени во земјен пат широк неколку метри.

„Зад нас се наоѓаат дрвореди од плански садена шума, кои фактички ќе бидат целосно уништени при изградбата на гасовод, за визуелно тоа да ви го доловиме, тоа значат отприлика пет вакви дрвореди.“, ни објаснуваше Андреа кој е дел од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Meханизацијата се наоѓа во месноста Бел Камен, но по реакциите во јавноста се чини дека работата е запрена. Сепак, и почетокот на изведбените активности веќе дава слика за последиците за планината.

„Ова што сега го гледаме е само површински ископ, кој е спремање за тој длабински, условно на 80 цантиметри, или 50 во карпа, кој фактички со тоа минирање карпата неповратно веќе се уништува, значи секаква  палеонтологија, аргеологија, живеалишта на инсекти итн неповратно се уништуваат.“, раскажуваше Андреа.

Рекациите на невладините следуваат откако имале можност детално да го разгледаат проектот. Магистралниот гасовод што треба да стигне до Тетово и Гостивар, само на планината Водно треба да се пробие низ 11 километарска траса, од која, според невладините, 4 километри се низ високостеблеста шума. По сртот на Водно, гасоводот треба да помине покрај селото Шишево, а потоа преку реката Треска да помине и кај селото Глумово. Оттаму продолжува за Тетово, Гостивар и Кичево, со тоа што еден крак оди северно, покрај Рашче за Косово.

За вицепремиерот Кочо Анѓушев тоа е мала шума, за која вели лично ќе се заложи да биде надоместена.

„Во таа насока правиме одредени дејствија да видиме како и тоа малце евентуално шума која би требало да се уништи со правење на гасоводот, а при секој инфраструктурен проект дел се уништува, но многу е важно да најдете механизми тоа да го надокнадите. Значи, јас лично ќе бидам поборник на тоа за секое исечено дрво да бидат засадени најмалку 10 и мислам дека решението треба да го бараме во тој правец.“, рече Анѓушев на прес-конференција минатата недела.

За националното поврзување преку магистрални гасоводи, задолжено е акционерското друштво Македонски енергетски ресурси. Со поделбата на владиниот колач, директорско место овде му припадна на Бајрам Реџепи од ДУИ, кој одби да ја образложи оправданоста на трасата што поминува на Водно.

Но, активистите остануваат на ставот дека мора да се бара алтернатива, бидејќи Водно е последното вистинско зелено катче за скопјани. Енергетскиот крвотокот за другите градови, го оставата Скопје без неговите бели дробови, а не е ниту предвидено главниот град  да се приклучи на оваа траса. За Скопје се гради секундарна мрежа, а јавноста веќе почна со критики и за гасификацијата на секундарната мрежа.На градскиот прстен интензивно се работи долж булеварот Илинден. На трасата што поминува право низ зелен појас, забележливо е дека во еден дел близу улицата Струма во Карпош 3, таа скршнува и се приближува до зградите. Ова било повод за граѓаните со жив штит да ги запираат багерите.

„Се плашиме заради можни експлозии, како би било да живеете на само неколку метри од високо компримирана, високо запалива и експлозивна смеса, каков живот би било тоа, под каков стрес да живеете дека секој момент нешто може да експлодира... Таа барем што е пореметена, барем таа да се врати на уште десетина метри, кои се самоволно и произволно,  независно дали е од неразбрирање и глупост, сакаме безбедност.“, вели Љупчо Зафировски, жител на Карпош 3.

Зафировски е решен правдата да ја бара на суд. Во тек е собирање потписи од станарите, кои велат дека не сакаат да користат гас, бидејќи се приклучени на топлификацискиот систем. Не се против гасификација на Скопје, но бараат да се најде алтернатива за трасата.

Од општината Карпош велат дека целокупната документација за проектот е во град Скопје. Од Град Скопје, пак, за детали не упатија да се обратиме до инвеститорот Гама.Од ГАМА велат дека речиси целиот град е опколен со гасоводна мрежа и тоа со 50 километри цевководен систем. Тврдат дека трасата е безбедна, проектот поминал низ ревизии и граѓаните воопшто не треба да стравуваат. Напротив, ги охрабруваат општините што побрзо да најдат дистрибутер кој ќе го донесе гасот до секое домаќинство.

Цевководот во Скопје има капацитет за работен притисок од 12 бари. Според правилникот за гасоводи, тој спаѓа во категоријата висок притисок. Во правилникот пишува дека за гасовод со таков притисок минималното растојание од објект треба да биде три метри. Според Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност, ова е висок притисок и доколку не се работи транспарентно пред граѓаните, сомнежот е оправдан, иако вели дека гасификацијата е неопходна.

„Крајно време е и се доцни со изградбата на т.н. градски прстен, ние во дистрибутивната инсталација не треба да ги надминуваме 12 бари и тие во принцип треба да се поставуваат на тротоарските површини. Ако се поставуваат на тротоарите се приближуваат до објектите и на определен начин предизвикуваат страв кај граѓаните, дека се преблиску, во случај на пожар, експлозија, милион други стравови со оправданост се појавуваат. Но, од друга страна сето тоа се прави со проектна документација. Убеден сум дека не може да се пристапи кон градење ако нема проектна документација.“, вели Димитров.

Но, за магистралниот гасовод кој треба да помине низ Водно, Димитров нема дилема.

„Веќе е многу неблагодарно да се зборува, кога се преземени големи финансиски зафати, до некаде е дотеран тој проект и сега да правиме алтернатива. Колку со тоа директно во урбаните средини па ќе се намали загадувањето со користењето на природниот гас. Колку со тоа директно во урбаните средини па ќе се намали загадувањето со користењето на природниот гас кога ќе дојде таму.“, додава тој.

За граѓаните, компромис е неприфатлив.

„Нека размислат добро пред да не одлучат, во прилог на дислокација на овој гасовод.“, порачува Зафировски.

„Вистинска ревитализација која се споменува, или неколкукратно пошумување, десеткратно пошумување на Водно, како надомест на штета што би настанала при самите изведбени работи, фактички не е можна, затоа што самата траса да биде одржувана гола, за коренестиот систем на растенија да не го оштетуваат цевоводот, а истотака да бидат и лесно достапни за противпожарно возило, или возило за санација на самиот гасовод. Така да може намерите се најдобри, меѓутоа тоа е едно лаичко гледиште на екологијата.“, вели активистот Андреа Јанков.