Георгиев: Владата реши да го пресече Дамокловиот меч за името бидејќи е прашање дали ќе не биде

пред 5 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, Гордан Георгиев - поранешен потпретседател на СДСМ, зборуваше за впечатоците по 1 година од новата влада и кои се најважните очекувања за понатаму.

- Ние чекаме да се слушнат двајцата премиери и да ни кажат што се случило. Ние, во јуни 2018 година го немаме луксузот да разговараме за 1 година влада како да сме во Норвешка или во Шведска, бидејќи над нас буквално виси Хамлет и дилемата дали Македонија ќе ја биде или не. Или еве, да не биде мој став, барем така се поставува дилемата од страна на важни фактори, и во државата и надвор од државата - рече Георгиев.

Тој рече дека оствареното или неоствареното во последната година е важно, но во друг тип на дебата. Георгиев напомена дека најважно е што владата реши да се фокусира на решавање на прашањето за името и дека поради тоа може да и се попушти за потфрлувањето на другите полиња, посебно и со оглед на тоа во какви услови беше променета власта и што се случуваше претходно.

- Можеби некој тивко, а некој погласно, си го поставуваме прашањето по дома, дали ќе го биде ова парче земја. Дали оваа држава на ваква геополитичка ветрометрина ќе успее да опстои како таква. И ги немаме аргументите до крај, зошто би опстоила, зошто не. Имаме разни закани, некои реални, некои можеби имагинарни, коишто висат над нас. Оваа влада се реши да го исече тој Дамоклов меч, ако успее. И затоа ние ќе го добиеме пакетот за името, па ќе треба да дискутираме со голема одговорност, а не да долеваме масло во огнот. Ако успее да се направи една добра дебата и во Македонија и во Грција, на референдум ако успееме, ние ќе имаме релативно кохерентно решение кое ќе биде поддржано од широкото граѓанство. По мое мислење, успешен референдум е 51% од етничките Македонци плус Албанците да гласаат за решението. И после тоа е откочувањето на големите процеси - на етничката агенда, евентуално на економската агенда, на овие стравови што висат дали ќе ја биде државата и така натаму - рече Георгиев.