Клековски: Уставни промени на името само при влез во ЕУ, стриктно сум против „Нова Македонија“

пред 3 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беше пакетот заснован на „Република Илинденска Македонија“ и дилемата дали е потрошен. Аналитичарот Сашо Клековски зборуваше за можностите за изнаоѓање решение прифатливо за македонската страна.

- Јас сакам и да го задржиме името и идентитетот, но и да најдеме начин да бидеме интегрирани во ЕУ, по можност во кругот поблиску со Србија и со Црна Гора, отколку со Косово и со Босна и Херцеговина. Навистина не би сакал ни да го загубам идентитетот, ниту да останам во кругот за одлучување со БиХ и Косово, бидејќи не знам што ќе биде со нив - рече Клековски. Тој потенцираше дека клучно прашање е именувањето на јазикот во рамки на договорот.

Клековски изрази стравување од можност за понатамошни уцени од Грција, дури и при постигнување договор пред членство во ЕУ.

- За да ги задоволам двете желби, и да се зачуваме како Македонци и македонски народ и македонски јазик, и да станеме членка на ЕУ што поскоро, би прифатил компромис во кој би биле заштитени од Грците, а тоа е дека тие промени би се примениле само ако станеме членка на ЕУ, зборувам за промена на Уставот за внатрешна употреба - рече Клековски.

Тој изрази стравување што би се случило доколку Македонија прифати промени сега, со очекување за членство во ЕУ за 10 години.

Клековски коментираше и за своите преференци за можни решенија.

- Јас единствено сум стриктно против „Нова Македонија“, затоа што во праксата на именување „Нова“ се користи за некоја друга територија која е далеку од првобитната територија. Има Јорк, има Њујорк, има Мексико и Ново Мексико. Но тоа не се исти контексти, во некои случаи не се ни географски на исти континенти. И преферирам да биде преводливо на англиски, на француски и на сите светски јазици и да биде многу пократко од тоа што е во моментов меѓународна референца на Македонија - рече Клековски.