Николоски: Во моментов не постои анти-албанско расположение во ВМРО-ДПМНЕ

пред 3 месеци | Дебати

Во дебата во емисијата „360 Степени“, Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, зборуваше за протестот најавен за 2 јуни пред Владата, рече дека е по повод 1 година од изборот на Владата, и дека таму партијата ќе ги каже сите забелешки, но ќе има и своја понуда каде треба државата да се движи, како и дека активно ќе работат во Собранието. Рече и дека очекуваат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските наредната година.

На ова реплицираше вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој исто така гостуваше во емисијата.

- Ќе го поддржам овој политички дискурс на опозицијата и навистина тоа е улогата на опозицијата. Ако е тоа и со протести и тематски коишто се однесуваат на работењето на Владата, токму е тоа улогата. Морам да го поздравам нивното однесување во однос на прашањето за името, барем досегашното коешто беше конструктивно и ако можам да ја искористам приликата, уште еднаш да апелирам, доколку и анти-албанското го тргнат од нивниот наратив, мислам ќе бидат многу добра опозиција во наредниот период - рече Османи.

Реплицираше и Николоски.

- Во однос на анти-албанското, можам да кажам дека во моментов не постои, ни кај мене лично, ни кај раководството на партијата. Факт е дека во минатото, и било употребувано, и било злоупотребувано, ги користам двата зборови, но во овој момент ниту има такво расположение, ниту има намера да се води таква политика - рече Николоски.

Османи возврати со „тоа е одлично“.