Николоски: Се додека не заземе друг став, ВМРО-ДПМНЕ има јасен став против промена на уставното име

пред еден месец | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беше самитот ЕУ - Западен Балкан во Софија и исходот од него, во прв план информациите за името дека „една опција е прифатлива за двете влади“. Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за ставот на партијата за уставни измени по прашањето за името.

- Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ние сме против промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата, затоа што какво и решение да имаме ќе е полошо од решението „Република Македонија“ коешто го имаме во Уставот. Ние како генерација немаме право да менуваме име коешто оваа држава го зела за себе, не вчера, не завчера, туку од АСНОМ па навака и тоа е име коешто стои во Уставите, без разлика дали било во рамки на поранешна Југославија или во независна Македонија, и затоа секоја промена на Уставот за нас е проблематична и не ја прифаќаме како таква. Име за меѓународна употреба е веќе друга дискусија и можеме тука да дискутираме. Гледам дека Грците инсистираат на промена на Уставот. Тоа е една тактика којашто е многу јасна. Тие одат цело време, колку и македонската страна да има одредена позиција, да се вратат чекор назад и прашањето е што ќе се случи кога ќе стигнат до ѕидот, односно нема враќање назад, а промена на Устав мислам дека е една таква ситуација. Понижувачки е за било која друга држава под диктат на сосед да менува Устав. Да е тоа слободна волја на граѓаните е друга работа. Да пратениците излезат на избори и побараат таков мандат и после тоа да направат промени на Уставот е исто така друга работа. Но, со меѓудржавен договор со сосед да менувате Устав е понижување - рече Николоски. 

На ова реплицираше вицепремиерот Бујар Османи, исто така гостин во емисијата. 

- Мислам дека тука е финесата, дека, да, под диктат нема да се промени, меѓутоа ако е по некој предлог којшто бил даден од наша страна, тогаш веќе имаме поинаква ситуација - рече Османи.

Запрашан дали опозицијата би размислила уште еднаш да поддржи уставна измена во контекст на репликата на Османи, Николоски рече:

- Не. Ставот е јасен на ВМРО-ДПМНЕ тука. ВМРО-ДПМНЕ има јасен став и се додека партијата не заземе друг став, а во моментов го има овој став, не би можел да кажам ништо различно од ова. И ставот е ист 13 години - рече Николоски.