Како ќе постапи Иванов при евентуален договорот за името? Дали може да се очекува ново вето?

Автор: Владимир Мирчески | пред 6 месеци | In depth

Моментот кога премиерот го претстави својот тим пред претседателот како да го навести односот што ќе доминира меѓу двете институции што ја споделуваат извршната власт – воздржан, протоколарен, повеќе компетитивен отколку кооперативен..

- Не секогаш добиваме политичка коректност од претседателот Иванов - вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

- Сме имале многу ситуации во кои Претседателот и Владата немале многу љубов и си правеле позадински политички маневри. Но, за првпат Иванов тоа го носи чекор понапред - вели аналитичарот Петар Арсовски.

Иванов во јануари го потпиша договорот со Бугарија, а мнозинството истиот месец ги прифати неговите предлози за уставни судии. Со гласовите на СДСМ и ДУИ, Дарко Костадиновски, долгогодишен советник на претседателот, и Осман Кадриу, универзитетски професор, станаа дел од Уставниот суд, иако според тврдењата, Иванов претходно не се координирал со мнозинството. Но, работата сега запна кај изборот на гувернер на Народната банка, а иако има договор за одреден број амбасадори, кохабитацијата ниту на тој план не оди мазно.. Сепак, најпроблематично прашање на релација претседател – мнозинство е непотпишувањето на указот за Законот за јазиците.

- Кај политичкото самоволие нема потреба од кохабитација зашто Иванов нема право да бира дали ќе го потпише или не законот. Во таа смисла тој се однесува во неговиот манир на политички насилник – таму каде што може да направи саботажа, ќе направи. Мислам дека за иднината на Македонија е многу важно законот за јазици да се објави веднаш, без потписот на Иванов зашто ако тоа не се случи, таквата индолентност кон таа постапка му дава на претседателот де факто овластувања кои тој де јуре ги нема, а тоа е право на рестриктивно вето. Тоа нема врска со кохабитацијата, кохабитацијата е нужна во овие други сфери, изборот на гувернер, изборот на амбасадори - вели Арсовски.

Во Владата сметаат дека немаат одговорност за нехармоничните релации со претседателот на државата.

- Цела влада беше присутна на обраќањето на ПРМ во Собранието. Се одржуваат консулатации за важни прашања – по преговорите за името мнинистерот за надворешни работи, за секој значаен исчекор го информира претседателот. Од наша страна постои целосна почит кон институцијата претседател и тоа е несомнено. Имавме координација и за 8 амбасадорски места кои во идниот период ќе бидат назначени и таа процедура тече. не секогаш добиваме политичка коректност од претседателот Иванов, наспроти нашата намера да бидеме конструктивни. Би го споменал случајот со неговото свесно непотпишување на уакзот за законот за употреба на јазиците. Со тоа не само што се крши уставот, туку и свесно, политички се нанесува штета на севкупниот процес на Македонија - вели Бошњаковски.

Следната тема што логично ќе се наметне во односите меѓу претседателот и мнозинството е прашањето за името. Ако се има предвид однесувањето на Иванов за Законот за јазиците  - уставната можност за суспензивно да се обиде да ја трансформира во апсолутно вето, легитимна е дилемата дали шефот на државата оваа практика може да ја примени и при потребата да го потпише законот со кој би се ратификувал меѓународниот договор меѓу Скопје и Атина.

- Знаете што, со тоа што се Иванов може да направи, може да се наполнат неколку книги. Сметавме дека Иванов нема шанси да направи таква глупост како со аменстијата, па ја направи. Нема шанси да не даде мандат на јасно изразена волја на мнозинството, па не го даде. Нема белким шанси да не потпише нешто еклатантно кршејќи го Уставот каде пишува дека е должен да потпише законот за јазици, и тоа го направи. Така што, ако ме прашувате дали хипотетчки е можно Иванов да се изглупира повторно. Да! Дали треба да му се дозволи? Не - вели Арсовски.

Дека има искричења меѓу владата и претседателот и за ова прашање, навести и шефот на дипломатијата во последното гостување во „360 степени“.

- Да се биде внатре, да се биде носител на функција, таква функција. Тоа значи да се преземе одговорност и ајде да не кажам нешто што не треба за да не се каам - рече Димитров.

Дали има стравувања во владата дека своето однесување за Законот за јазиците претседателот на државата може да го преслика и во однсо на прашањето за името?

- Не би можеле во оваа фаза да навлегуваме толку длабоко или суштински околу тоа што би се случило во иднина. Тоа е хипотетичко прашање многу е тешко да се дадат хипотетички одоговори. Ќе повторам, наша намера е секогаш пред себе да го имаме интересот на сите граѓани на РМ што води кон интеграција во НАТО и во ЕУ - рече Бошњаковски.

Вообичаено, во оваа анализа овде требаше да следува изјава, став, коментар на другата засегната страна во темата за кохабитацијата. „360 степени“ уште минатата седмица побара одговор од кабинетот на Иванов на неколку прашања кои ги тангираат односите со владејачкото мнозинство. Прашавме, но одговор од вилата на Водно не добивме. 

Стравувањата за нова институционална криза поврзана со прашањето за името, слична на онаа со законот за јазици, резултираат со размислувања за промени во политичкиот систем на земјата.

- На пример, однесувањето на Иванов е најдобар аргумент зошто претседателот треба да се бира во Собрание зашто има голема дискрепанца меѓу легитимитетот со кој се бира претседателот и неговите ингеренции – тој се избира со преголем легитимитет за неговите ингеренции. Или да му се зголемат ингеренциите, или да му се намали легитимитетот - вели Арсовски.

Историјата на независна Македонија памети проблематична кохабитација и меѓу Глигоров и ВМРО-ДПМНЕ, Трајковски со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, црвенковски со ВМРО-ДПМНЕ.

Овие политички судири се манифестирале во низа клучни ситуации – признавањето на Тајван, непризнавањето на изборните резултати за шеф на државата, конфликтот во 2001-та, начинот како треба да се реши прашањето за името пред и по самитот во Букурешт. Сега повторно сведочиме на тензични односи претседател-влада и повторно за значајни теми од кои зависи иднината на државата.