Власта ја придоби опозиција, но ги губи судиите со новите закони за судството

Автор: Александар Димитриевски | пред 2 месеци | In depth

Не е само една работа што треба да се крпи или да се смени во македонското судство... Но, работата е во тек. Минатата недела, власта и опозицијата ги усогласија и изгласаа измените на Законот за судовите и за судскиот совет.

„ Во разговорите со опозицијата дојдовме до момент дека можеби треба да вметнеме уште неколку додатни критериуми кај дисциплинските повреди.“- вели меѓу другото за 360 Степени, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски.

Пазарот ги задоволи желбите и очекувањата на политичарите, но се чини, ги поткопа позитивните очекувања кај судиите.

„ Сметам дека во крајна линија останува тестот на времето да докаже дали таквото политичко пазарење ќе биде на штета на судиите.“- изјави претседателот на Здружението на судии и врховен судија, Џемали Саити.

Не се гледа често сликата од мониторот во македонското Собрание како од средата. 86 гласа „за“ и од власта и од опозицијата, овојпат за реформските измени на Законот за судовите и за судскиот совет.

„ Добро е што опозицијата даде свој конструктивен придонес.“- изјави координаторот на СДСМ во македонскиот парламент, Томислав Тунтев.

„ Верувам дека вакви закони во коишто ќе биде вклучена и опозицијата во наредниот период ќе бидат во што поголем број.“- кажа координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драги Данев.

Но, во сенка на главната вест дека власта и опозицијата заеднички се договориле за нешто, остана - што точно договориле? Кусиот одговор на прашањето е - се сменија критериумите за унапредување и за разрешување судии.

Досега кога се бираше претседател на суд или судија во повисок суд, Судскиот совет прво правеше рангирање на кандидатите според број на бодови. Бодовите се добиваа според математичка формула со неколку критериуми пропишани во интерен акт на Советот - како на пример, број на сработени предмети. Разликата е што сега има повеќе критериуми за оценување, а формулата за пресметка на бодовите е вметната директно во законот за Судскиот совет. Новина е и што од максималните 200 бода што може да ги добие еден судија, поголемиот дел или 120 бода се добиваат за квалитетот на работата на судијата кој се оценува, а останатите 80 за квантитетот.

Од министерството за правда велат дека новата математичка формула и критериуми ќе понудат фер натпревар меѓу судиите. Целта на решението - формулата да биде во закон наместо во правилник - е Судскиот совет навистина да биде непристрасен кога ќе вага, кој судија најмногу заслужил да напредува.

„ Сметавме дека треба да стои во законот за да не остава простор при изготвување на тие правилници секој да си има свое мислење како треба да се изготват тие табели или критериуми. Вака е законска обврска и таа треба да се испочитува сега. Мислам дека е многу попрецизна од сите досегашни, претходни закони.“- вели заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Го соочивме заменик-министерот и со фактот дека Судскиот совет во неколку наврати одлучи да го занемари оценувањето и да унапредува кандидати кои немаа најмногу бодови.

„ Да. Затоа е направено. Тој што ќе добие најмногу бодови, тој би требало да напредува.

Би требало или мора да биде така?

Мора да биде така всушност. Би требало да биде избран, нели. Јас не сум на местото на судскиот совет за да кажам што ќе изберат, но меѓутоа тоа е се направено токму стриктно за да се испочитува тоа рангирање на ранг листата. И да се оди од највисокото, првото место кон надоле.“

Реформите во оценувањето и унапредувањето на судиите, генерално, позитивно поминуваат и кај судиите. Но, вели претседателот на нивното здружение, само ако се имплементираат како што е на хартија.

„Генерално за овој сегмент за кој сега разговараме, има поместување. Особено со вметнување на некои од критериумите кои се предмет на оценување, како квалитетот на пример на пресудите... сега се оди во друга конотација, да се испитуваат пресуди во однос на квалитетот. Ова прашање, за мене ќе остане проблематично во најмала рака. Во принцип, затоа што не знам кој ќе го оцени квалитетот на пресуда на пример на врховен судија, доколку оценувачот е од основен суд?“- изјави во интервјуто за 360 Степени претседателот на Здружението на судиите, Џемали Саити.

Само од праксата, вели Саити, ќе може да се види и дали новиот начин на бодување ќе им даде еднаква можност за напредување на сите судии, без разлика на подрачјето во кое работат.  

„ Доколку ги слушате судиите од Скопје, ќе кажат ние судиме сложени предмети. Но, доколку ги слушате судиите од помалите судови они ќе ви кажат дека ние сме во инфериорна позиција затоа што недостасуваат предмети кои би не довеле до рамноправна позиција при идното унапредување со другите судии во постапувањето. Оваа ситуација не може да се менува на овој начин, таа е реалноста.“

Другиот клучен елемент во реформата на законите за судството поддржана од власта и опозицијата е што е изменет и зголемен бројот на основи кои можат да доведат до разрешување на судија.

Како и досега, има 11 основи за нестручно и несовесно вршење на судска функција, со измена на дефиницијата за еден став.

Но, за разлика од досегашните 4 основи за потешки дисциплински повреди кои можат да доведат до разрешување, сега има 9.

Зголемувањето на бројот на основи доаѓа во период кога Прибе и Венецијанската комисија бараа намалување и прецизирање на овие одредби.

„Сметаше министерството за правда и работната група дека врз основа на овие критики што ги добивме претходно дека треба овие услови да бидат многу прецизни, концизни и што помалку. Меѓутоа, во разговорите со опозицијата дојдовме до момент дека можеби треба да вметнеме уште неколку додатни критериуми кај дисциплинските повреди, особено кај разрешувањата и кај претседателите на судови и за разрешувањето на судии. Мислам дека, сега вака народски да се изразам, не се страшни толку и треба да ги почитуваат судиите при нивната работа.“- изјави заменик-министерот Ристовски за новите основи по кои еден судија може да биде разрешен.

Го прашавме заменик-министерот и дали овие измени ќе го опфатат очекувањето на јавноста за санкции на судиите од „тефтерчињата“?

„ Ако одиме баш правно, како што важат законите од сега па натаму, нема ретроактивно дејство, одиме од сега па во иднина. Да не се повтори више тоа никогаш. Иако може да се отворат постапки секогаш и за предмети кои, доколку има таква претставка, кои биле или се завршени сега во скоро време. Тоа да.“

Усогласените одредби меѓу власта и опозицијата за разрешувањето на судиите, не наидуваат на поддршка кај првиот човек на здружението на судиите.  

„ Моја првична оценка е дека неколку од овие основи, особено непочитувањето на европските пресуди кој и досега беше основа за разрешување само друга формулација, воопшто не треба да стои, требаше да отпадне. Застареноста е проблем кој не зависи само од судијата... Доколку вие, имате одредба каде што е не докрај објаснета а постои како основ за разрешување, тогаш вие сте на многу лизгав терен и не знаете како ќе се однесува утре регулаторниот орган, регулаторното тело, Судскиот совет.“- вели судијата Џемали Саити.

Управниот одбор на Здружението на судиите и формално ќе заземе став за последниот корпус реформски зафати во судските закони кон средината на месец мај. Но, веќе може да се насети дека додека власта гради доверба со опозицијата, го намалува ентузијазмот кај судиите.

„ Се поставува прашањето, дали финалниот изглед на тие закони ќе ги задоволува потребите на реалното судство, потребите на граѓаните, на крајот на краиштата? И доколку вие правите закони кои овозможуваат интегритет на судија имате поголеми гаранции дека ќе наидете на објективно судство. Доколку вие ги рушите тие принципи тогаш сигурни се очекувањата дека ќе имате помалку шанси да добиете квалитетна правда.“

Веќе очигледниот спор за правецот на реформите на релација судска - извршна власт, можеби, ќе биде изгаснат уште пред да се распали. За сите спорни точки има договор да се следи ставот на Венецијанската комисија кој се очекува на почетокот на летото. А, токму за тогаш се планира и третиот реформски пакет во правосудството кој е далеку посуштински од законите кои во средата ги изгласаа власта и опозицијата.