Чупеска-Станишковска: Јавното мислење да не е оправдување за нерашавање на спорот за името

пред 5 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беше: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција - во името или во нешто друго“. Ана Чупеска-Станишковска, доцент на политолошките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, зборуваше за истражувањата на јавното мислење во двете земји во поглед на постигнување договор за спорот со името.

- Јас не сум фан на јавното мислење. За вакви прашања мислам дека политичарите се тука клучни, тие мора еманципаторски да настапат. И медиумите имаат огромна улога тука. Зошто да се сензационализираат, да речеме, ксенофобични изјави на некои маргинални позиции, како „ќосиња“, условно кажано, или членови на Златна Зора, кога може да се оддаде важност на позитивни примери. Зошто нема вести за грчко-македонската продукција за филмот на Ѓорче Ставрески, за режисерските достигнувања на Унковски и Поповски во атинските театри, зошто нема медиумско известување за независната културна сцена? Пребогата е со прекрасни иницијативи кои се индивидуално поттикнати. На тие иницијативи никој од медиумите не обрнуваат доволно внимание. Јавното мислење се креира, тоа може да се обликува и од тука мислам дека одговорноста е голема кај медиумите во Македонија и во Грција, меѓутоа со поттик од естаблишментот - рече Чупеска-Станишковска.

Таа рече дека, со оглед на тоа што политиката има огромно влијание на Балканот, од таму мора да дојде иницијативата за доближување и потоа да продолжи и преку граѓанското општество, културата па на крај и кај обичните граѓани.

- Се плашам дека може да дојде до една точка кога јавното мислење ќе стане оправдување за нерешавање на некои работи. Имено, владите сме ги бирале за да ги решаваат нашите проблеми. Во крајна линија, ние немаме конфликт од не знам каков тип - ние имаме спор. Има разлика меѓу спорови и конфликти. Спорот може да се реши во конкретвниот случај со политичка волја, само на тој начин. А контактот на културите е на паралаелна трака. Политичарите да го решаваат ова, а паралелно да се приближуваат цивилниот сектор и граѓаните - рече Чупеска-Станишковска.