Армаколас: Парадоксално, проруските субјекти и во двете земји работат против решение на спорот

пред 3 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беше: „Каде е јазот меѓу Македонија и Грција - во името или во нешто друго“. Јанис Армаколас, професор на универзитетот „Македонија“ во Солун и истражувач во тинк-тенк организацијата ЕЛИАМЕП, зборуваше за информациите за руското влијание врз политичката елита во Грција, но и врз медиумите и јавното мислење во насока да се радикализира грчката позиција и да нема решение за прашањето за името.

- Тешко е да се знае емпиријата зад ова. Имам претчуство дека се случува, и не велам дека зад ова има некој голем план, но оние политички сили кои промовираат поблиски и поинтензивни релации со Русија, стоеја зад мобилизацијата (протестите), особено во Северна Грција, против решение на спорот. Но, такво влијание гледам и овде. Знам дека има нова партија која е проруски ориентирана и е против решение на спорот за името. Во социјалните, но и во другите медиуми гледам многу проруски гласови кои говорат против решение со Грција. Значи, имаме парадоксална ситуација, каде што луѓе кои се пријатели на Русија, или сакаат поблиски односи со Русија, работат и во Грција и во вашата земја против постигнување решение. Русија има расипничка улога во регионот, и тоа со сигурност го знаеме, но тоа треба да натера голем дел од граѓаните на двете земји да се подзамислат за тоа што всушност стои зад ова и кој добива од продолжението на и унапредувањето на спорот - рече Армаколас.

Тој во дебатата рече дека има цела низа важни прашања кои го придружуваат решавањето на спорот, односно дека не се работи само за името, како и дека проектот „Скопје 2014“ кој го спроведуваше претходната власт во Македонија потврдил многу од стравовите и грижите кои ги имаат многу од Грците, и влијаел негативно на решавање на спорот и пријателски односи помеѓу двете соседни земји. Армаколас истакна дека и покрај тоа што јавното мислење не е во прилог на решавање на спорот, политичките лидери се тие коишто треба да водат и да носат одлуки кои потоа треба да ги следат и цивилното општество и граѓаните. Тој нагласи дека мора да му се помогне на регионот да влезе во НАТО и ЕУ како би го избегнале засиленото влијание на Турција и на Русија.