360 degrees season 3, show 16

на 12.2016 | Саботажа

Бибер за 360°: Обвинети за криминал не може да бидат реформатори

Флоријан Бибер, универзитетски професор во Грац и добар познавач на состојбите во регионот во емисијата „360 степени“ на Алсат-М изјави дека е тешко да се верува дека реформите во Македонија можат да ги спроведат лица на кои лично им се заканува затворска казна.

„Изгледа малку веројатно владејачката партија, која главно е одговорна за тие злоупотреби, да се вклучи во реформите. Видовме низ имплементирањето на договореното во Пржино во изминатата година и половина континуирани блокади, пречки, медиумски напади врз Специјалниот обвинител и оттука мислам дека можеме да се сомневаме во подготвеноста за реформи ако постојната власт добие на изборите, зашто тоа може да го искористат како оправдување за да продолжат како и претходно. Па, всушност тука е проблемот. Груевски, секако, не е кандидатот што би го сметал за подготвен да се вклучи во спроведување на реформите. Тој беше во центарот на проблемите со кои во изминатата година и половина се соочувавме во Македонија. Изгледа невозможна неговата трансформација од одговорен до оној што би ги истражувал тие проблеми. Обвинувањата се толку сериозни, доказите изгледаат толку убедливо, што е незамисливо нечие вклучување во тие реформи да не резултира со затворски казни за многумина од инволвираните, вклучувајќи го и самиот Груевски. Затоа, изгледа малку веројатно тој да биде човекот кој тоа ќе го направи“, изјави Бибер.

Во интервју за „360 степени“ и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер инсистира на потребата да функционира правната држава и да се почитуваат законите.

„Ни повеќе ни помалку. Законите важат за секого. Ако некој го крши законот, тогаш треба да се постапува, инаку нема правна држава. Веќе споменав, најголемата заложба што може да ја има една заедница е довербата. Доверба на граѓаните за правичен третман, да нема нееднаквости. Корупција е нееднаков третман. Тоа е зло што ја јаде државата од внатре и ова зло е веќе споменато во извештајот на Европската комисија многу прецизно. И уште еднаш за довербата. Ако се изгуби довербата, целото државно битие се разнишува“, изјави Алтхаузер за 360 степени.

За неа е важно изборите да завршат успешно а по нив да биде формирана стабилна влада која ќе може да ги спроведе итните реформски приоритети.

„Опсегот на задачите и проблемите е многу широк и мислам дека е важно да се состави стабилна влада, која ќе има мандат да одлучува“, вели амбасадорката Алтхаузер.

Во емисијата гостуваше и европарламентарецот Едуард Кукан. Според него постоењето на СЈО е можеби тешко и болно за некој политичари, но тоа е важно и може да дефинира каква политичка иднина ја очекува Македонија.