Узбекистанец од Прага плаќа лобисти во САД да пишуваат против СЈО

Автор: Владимир Мирчески | пред 11 месеци | Дебати

По трагата на информациите дека претставници на про-републиканската лоби-компанија Меркјури се обидуваат да воспостават контакти со новата администрација на Доналд Трамп во името на партијата ВМРО-ДПМНЕ, се обидовме да ја дознаеме позадината на тие релации. Познато е дека ангажманот на лобисти од странски влади или странски политички партии во САД е легално, но досега во јавниот регистар не се појави договор на ВМРО-ДПМНЕ со нова лоби-компанија. Но, се појавија други документи чија трага води до Македонија.

Првата трага во истражувањето беше овој документ објавен во официјалниот американски регистар на договори за лобирање на 22-ри февруари оваа година. Со него, познатата лоби-компанија Меркјури пријавува договор за лобирање со извесна Фондација Либертас, основана во август 2016-та година и регистрирана на адреса во Њујорк. Сомневањата кои не натераа да ги продолжиме проверките ги предизвика објаснувањето во документот дека Фондацијата Либертас ја најмува компанијата Меркјури за лоби-услуги за, како што пишува, Романија, Бугарија, Македонија, Србија и Грција. Уште посомнителни беа податоците за лицето посочено како контакт во името на Фондацијата Либертас – извесен Бекзуд Исакџанов и за и-меил адресата за контакт: black999gold@gmail.com. Дополнителните проверки покажаа дека Бекзуд Исакџанов е по потекло од Узбекистан, но и дека извесен период имал адреса на живеење во главниот град на Чешка, Прага (https://portal.expanzo.com/en/firm/4138030419-bekzod-isakdjanov-letenske-namesti-praha).

Овој податок, спореден со прашките врски на моќници од ВМРО-ДПМНЕ, беше нова причина да се продолжи истражувањето. Клучниот елемент до кој дојдовме и кој ги вкрстува интересите и активностите на ВМРО-ДПМНЕ, Фондацијата Либертас и лоби-компанијата Мејркјури, е овој документ од архивата на американскиот Сенат, кој датира од август 2016-та година, само неколку дена по формирањето на Фондацијата. Со него, меѓу лобистите на Меркјури што официјално се пријавени дека ќе даваат услуги за Фондацијата Либертас е и Адам Ерели, поранешен американски амбасадор во Бахреин и заменик-портпарол на Стејт Департментот. Адам Ерели лично е потписник на текст во кој отворено се критикува работата на Специјалното обвинителство на Катица Јанева, објавен во The Hill, во ноември 2016-та година.  Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ тогаш во еден глас го пренесоа текстот на Адам Ерели. The Hill и во минатото беше форум во кој се објавуваа текстови со кои се поддржува ВМРО-ДПМНЕ и се критикува СДСМ, дел од нив подоцна пријавени од лоби-компаниите на ВМРО-ДПМНЕ како платени лобистички објави.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ би сакала да не ги обелодени новите лобисти? Еден мотив може да биде желба да се избегне јавниот притисок на кој беше изложена ВМРО-ДПМНЕ во овдешната јавност лани кога имаше ангажирано три компании – за тоа колку пари троши партијата за тие договори.

Исто така, може да сака да ги сокрие конкретните активности за кои ги користи лобистите, бидејќи и тоа мора да се декларира според американските закони.

Исто така, знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ во последниот период упорно јавно се залага за немешање на странски фактори во македонските домашни работи, па јавно и директно ангажирање нови лобисти во САД би било доказ за двојни стандарди.

Друг мотив би можела да биде намерата да се затскрие багажот што со себе го носи главниот лобист на Меркјури, доскорешниот сенатор од Луизијана, Дејвид Витер, кој според нашите информации, се обидува да договори средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, и да разговара на тема – ВМРО-ДПМНЕ. Еве зошто Дејдив Витер би можел да биде проблематичен за демохристијанската ВМРО-ДПМНЕ.

Во февруари оваа година дел од лоби-компанијата „Меркјури“ станува и екс-сенаторот Дејвид Витер, републиканец од Луизијана... Во вашингтонските лоби-кругови вработувањето на човек кој 17 години бил дел и од претставничкиот дом и од Сенатот подразбира ангажирање на т.н. „сериозно оружје, артилерија“ во своите редови.. Но, она што Витер го прави проблематичен како човек што треба да одработува за интересите на конзервативната и демохристијанска вмро-дпмне во Америка е дека освен неговиот сериозен политички, тој носи и сомнителен личен „багаж“.. Пред 10 години тој стана познат поради секс-скандал – се утврди дека користел услуги на проститутки во случај што медиумите го нарекоа „Мадам Вашингтон“.. Тој ја призна вмешаноста, немаше кривична одговорност, иако беше повикуван на морална одговорност зашто во политичката кариера јавно промовирал семејни вредности, наспроти неговите „излети“ надвор од бракот во кој има 4 деца..

„Сакам повторно длабоко и искрено да се извинам на сите оние што ги разочарав со моите активности во минатото. Целосно сум одговорен и многу жалам. Без оглед на тоа колку одамна тие настани се случиле знам дека тие им наштетиле на односите на доверба кои ги имав со многумина од вас и дека ми претстои многу работа за тоа повторно да го изградам“, рече тогаш Витер.

Скандалот го следи Витер до крајот на неговата политичка кариера што се случува минатата година.. Тој претрпува сериозен пораз на ланските избори за гуверенер на Луизијана.. Неговиот соперник, ги користи токму „темните петна“ од минатото на Витер во својата кампања.

„Изборот за гувернер не може да биде полесен – Џон Бел Едвардс кој се одзва на повикот на нашата земја и служеше како ренџер во 82-та воздухопловна дивизија или Дејвид Витер кој се одзва на повик на проститутка само неколку минути откако не се појави на гласањето за оддавање почит на 28 војници кои загинаа во одбрана на нашата слобода. Дејвид Витер избра проститутки пред патриоти. Сега изборот е ваш“, гласеше една од рекламите против него во изборната кампања.

Овој документ открива дека Дејвид Витер на 23 февруари пријавил пред американските власти дека лично ќе лобира за потребите на фондацијата Либертас.

Прашавме во ВМРО-ДПМНЕ – какви се врските на партијата со компанијата Меркјури и со Фондацијата Либертас. Ни одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ нема релации со овие два субјекта. Наспроти ваквиот одговор на партијата, „360 Степени“ вечерва реши да ја отвори оваа тема и да ви ги понуди фактите што ги покренуваат дилемите за нови лоби-контакти на ВМРО-ДПМНЕ во САД.