Шекеринска во Стејт департментот: Главни теми - името и НАТО

Автор: Владимир Мирчески | пред 5 месеци | Дебати

Среде најделикатната фаза од преговорите за името, во која Скопје и Атина се заглавени на прашањето за опсегот на употреба на новото сложено име, министерката за одбарана Радмила Шекеринска е во посета на Соединетите Американски Држави. Името, неизбежно, е една од темите за кои Шекеринска денеска разговараше со шефовите за регионот во Стејт департментот, бидејќи од тоа зависи дали Македонија ќе добие покана за членство во НАТО.

- Промената која што се направи во изминатата година во Македонија е видлива и се цени во Вашингтон. Впечатокот е дека имаме историска шанса да ги промениме состојбите во Македонија и во регионот. Најголемиот дел од моите соговорници кажаа дека Македонија го заслужи членството во НАТО и дека се надеваат, очекуваат, посакуваат договор со Грција, и ќе овозможи целиот иден процес со забрзано темпо позитивно да заврши за Македонија - рече Шекеринска во интервју за „360 Степени“ снимено во Вашингтон.

Министерката рече дека во Стејт департментот зборувале за тековните преговори со Грција и фактот дека двете држави никогаш досега не биле толку блиску до решение.

Во однос на стравувањата што доколку нема решение на прашањето за името и дали има стравувања од враќање на неизвсноста во земјата, Шекеринска вели дека не чула такви стравувања во Вашингтон.

- Меѓутоа да не очекуваме тоа да го решаваат или коментираат нашите стратешки партнери. Тоа е прашање кое ние треба да го одговориме. Нашата цел е да го решиме проблемот и да ги отвориме вратите за членство во ЕУ и НАТО. Наша обврска е да гарантираме дека државата ќе биде стабилна и ќе продолжи да создава просперитет за своите граѓани, без разлика дали ќе најдеме решение со Грција или не. Свесни сме дека членството во НАТО и ЕУ ќе бидат дополнителен мотор за домашни реформи, за економски раст, меѓутоа обврска е да не дозволиме никогаш повеќе во Македонија да ни се случи тоа што се случи на 27 април, но и да ни се случи тоа што ни се случуваше 3 години пред 27 април. Македонија никогаш повеќе да не биде заробена држава - рече Шекеринска.