Поповски: Макрон не зборуваше за Македонија, туку за предизвиците на ЕУ во наредните 20 години

пред 4 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беа годишните извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија објавени неделава. Новинарот Љупчо Поповски, зборуваше за изјавите на Макрон и Јункер дадени во пресрет на извештаите.

- Во однос на говорот на Макрон и таа геополитичка ситуација, ние извадивме од тој говор само една или две реченици бидејќи за нашите уши тоа делува спектакуларно дека Европа треба да се редефинира. Но, за да може ЕУ да прими 4 нови земји членки, таа мора претходно да ги реши проблемите во кои тие 4 земји нема да внесат нивните меѓусебни проблеми наследени лоши релации со соседите - рече Поповски.

Тој вели дека ЕУ тоа еднаш го направија при влезот на Унгарија и Словачка.

- Тогаш ЕУ се прошируваше на 24 земји, ама сега треба да бидат вкупно 33 земји, од кои повеќето се мали. И доаѓаме до една друга ситуација во која Европа мора да научи да функционира со тие 33 земји. Повеќе тоа Макрон што го кажуваше е дека мора ЕУ сама да се промени во своите рамки, за да може да одговори на предизвиците во наредните 20 години. А тоа не е поврзано со Македонија - рече Поповски.

Тој кажа дека не ја разбира драматично оваа изјава. Репликата на Јункер, ја поврза со тоа дека за една година има избори за Европскиот парламент.

- Јункер завршува со својот мандат. Тој, Федерика Могерини и Јоханес Хан мора да остават некакво наследство. Што би оставиле тие како наследство после 5 години, ако цел еден регион би ги оставиле во некаква лимбо зона без војни, но и без никаква иднина. Сега кога доаѓа крајот на тој мандат мора да остават наследство по кое другите ќе продолжат. Тоа го разбирам како дел од политиката во рамките на Европската Унија и изборите што ќе бидат идната година - рече Поповски.