Дали во вторникот се случувала мала драма во ЕК и Македонија можела да остане и без препорака?

пред еден месец | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, тема беа годишните извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија објавени неделава.

Новинарката Светлана Јовановска преку видео врска од Брисел коментираше дали е точно дека во вторникот се случувала мала драма во ЕК и дека Македонија можело да остане и без препорака за преговори.

- Не би го нарекла тоа драма, но имаше доцнење. Пресот на Хан и Могерини беше најавен за во 13 часот, потоа беше одложен за во 15 часот, извештаите беа пратени на меил некаде дури околу 19 часот, и тоа укажува дека имало некаква расправија помеѓу комесарите. Од информации коишто јас ги добив, станува збор повеќе за Албанија, отколку за Македонија. Не верувам дека Македонија можела да остане без препорака, мислам дека таа одлука е донесена порано. Всушност, станувало збор за Албанија и како што секогаш се случува во документите на комисијата, бидејќи се обидува да биде многу прецизна, станувало збор дали да се стави точка или запирка. Значи, дали да се стави точка со што препораката добива поцврста основа, или да се стави запирка, со што се добива некаков впечаток за некаква условеност.

И во драфтот во којшто имавме увид еден ден пред состанокот на колеџот на комесари и она што излезе како финална стратегија на проширување во вторникот и за Македонија, има промени. Дури е случај и со македонската препорака. Во драфтот имаше чиста реченица која завршуваше со точка, а сега нашата препорака има една запирка во којашто понатаму се споменува „maintaining and deepening“ а се однесува на реформскиот процес. Ова е делумна релативизација на првото.

- Тоа за дипломатите има значење. Формулацијата е иста и кај Македонија и кај Албанија, со тоа што кај нас станува збор за реформите на Прибе, а кај Албанија за судските реформи.

Се појавија информации дека наводно дури и Јункер морал да се слуша со Макрон, бидејќи Франција била највоздржана.

- Не можев да проверам дали е тоа точно, меѓутоа можно е. Не верувам дека Макрон лично се мешал во состанокот на комесарите, но сигурно имал свои претставници - вели Јовановска.