Игрите на среќа во Врапчиште - затворените обложувалници се уште работат

Автор: Хекуран Акифи | пред 8 месеци | In depth

Врапчиште, најголемото село во гостиварскиот дел на Полог. Село со градинка, основно и средно училиште и со фудбалски тим. Жителите на Врапчиште се горди на него, но не и на загрижувачката навика на нивните деца, наместо на школските клупи, времето да го минуваат во обложувалница. Селото, во кое најбројно е турското па албанското и македонското население, се обедини во иницијативата да се затворат комарџилниците во нивниот атар.

- Тоа беше иницијатива на група млади ентузијасти кои се спротивставија на отворањето казино во Врапчиште, а потоа постепено оваа идеја прерасна во иницијатива, односно продолжение за затворање на овие обложувалници. Се собраа околу 800, повеќе од 800 потписи, со кои, всушност, граѓаните покажаа дека ја поддржуваат иницијативата без резерва - вели Фатмир Решити, организатор на протестот.

Жителите на Врапчиште се надеваат дека иницијативата ќе успее во целост. Велат, не сакаат нивното село да се дели на печалбари и на комарџии.

- Мислам дека оваа иницијатива е многу добра, но не знам дали ќе заврши добро за нашите граѓани, дали ќе се затворат или не. Сите граѓани сакаат тие да се затворат - вели еден граѓанин.

- Ако сите што се околу општина Врапчиште ја прифатат оваа иницијатива тогаш мислам дека во иднина ќе биде добро за нашата општина - вели друг.

- Да, ги поддржувам зашто децата одат многу во нив, ги трошат парите што им се даваат за да си купат нешто за јадење - вели друг граѓанин.

Граѓанската иницијатива ја потпишал и градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани. Откако, вели, се справиле со нелегалните обложувалници, тој разговарал и со сопствениците на деловниот простор, нивните дуќани во иднина да добијат поинаква содржина.

- Беа подготвени да направат некои други активности, наводно да чекаат ако не им се даде можност сега да се издадат просториите, но во иднина се надевам дека ќе ги издадат за други бизниси, не за овој вид бизнис, не за овој вид активност, така што го имаат прифатено многу добро. И порано реков дека има разбирање и реално немаме нелегални обложувалници на територијата, освен една во селото Врапчиште и една во селото Добри Дол, која е легална, каде што навистина не можеме да интервенираме - вели Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште.

Иницијативата на граѓаните на општина Врапчиште за затворање на нелегалните обложувалници беше поздравена од сите, но зад камерата жителите велат дека како одминува денот, така нелегалните обложувалници почнуваат повторно да работат.

Се обидовме ова да го провериме. Не ни појде од рака, бидејќи во село, во кое речиси сите се познаваат, тешко е да останете невидливи.   

Од Секторот за внатрешни работи во Тетово велат дека според нивните сознанија, на подрачјето на Врапчиште, не работат нелегални спортски обложувалници. Во своето соопштение, како одговор на нашите прашања, посочуваат дека правејќи контроли секој месец, само во ноември минатата година при акциска контрола откриле две нелегални обложувалници, од кои едната во Врапчиште.

Но, некои од мештаните ни посочија дека ги загрижува сознанието оти и во единствената легална обложувалница во селото им се дозволува на малолетници да пополнат по некое ливче.

Дали влегуваат деца тука?

Вработена во обложувалница: Не, не затоа што тука ние имаме казни ако влегуваат деца.

Повеќе во тие на црно влегуваат што се горе.

Па, нели се затворени дивите!?

Вработена во обложувалница: Тие на црно пак отворија, иницијативата пропадна во вода.

Да!? Дивите и преку ден работат!?

Вработена во обложувалница: Некогаш отвораат, некогаш затвораат.

Овие изјави не го одвраќаат градоначалникот на Врапчиште во намерата и на оваа обложувалница, која работи со лиценца, да и се стави клуч на врата.

- Сега имаме проблем со тие што се законски, за кои имаме напишано писмо и сме го испратиле до Министерството за економија, како и до Санитарниот инспекторат. Од нив немаме разбирање. Централната власт да преземе мерки за да функционира во согласност со законот - вели Шабани.

Која и каква и да е вистината, за крај го оставивме нашиот соговорник од Врапчиште кој и самиот го вкусил немирот на коцката.

- Самиот имам играно пред 10 години. Овој проблем е многу голем, се жалат дека секоја куќа има проблеми, не е само обложувалницата. Секое коцкање е коцкање, а проблемите доаѓаат понатаму. Никој во животот не може така да се збогати со коцкање. Богатство со коцкање нема, има само загуба - вели тој.