Власта и опозицијата договараат ремонт на финансирањето на партиите

Автор: Петар Клинчарски | пред 2 месеци | In depth

На 22 мај 2017-та година СЈО отвори истрага под кодното име „Талир“.

- Станува збор за незаконско финансирање на политичка партија ВМРО ДПМНЕ – изјави тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.

Од СЈО тој ден дообјаснија дека се осомничени 14 лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ зашто нелегално „вбризгале“ 5 милиони евра во партијата, затскривајќи се зад наводни донации од членови и симпатизери.

- Постои основано сомнение дека внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на политичката партија биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства – додаде Фетаи.

- Сите овие показатели упатуваат на постоење на основано сомнение дека паричните средства не потекнуваат од лицата кои се уплатени – рече  обвинителката Ленче Ристоска.

Но, „Талир“ засега не дојде пред суд. Тој е една од истрагите за кои СЈО не стигна да поднесе обвинение до крајниот рок, 1 јули 2017-та година. Неговата судбина зависи од судбината на СЈО.

Антикорупционерите, државните ревизори и истражувачките новинари со години укажуваа на сериозни сомнежи за сивата зона во финансирањето на политичките партии во Македонија. Сега ова прашање решија да го регулираат најголемите партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ како дел од политичкиот дијалог. Начелно, договорено е:

- Годишното редовно финансирање на политичките партии од буџетот да се зголеми за (2 ½) два и пол пати. Тоа е финансирање по избран пратеник или локален советник, а сумата ќе оди до околу 110.000 денари по избрано лице, наместо 45.000 како досега.

- Вредноста на донации од правни и физички лица се намалува за два и пол пати (2 ½ ). Тоа би значело дека правните лица наместо 30,000 евра како досега, ќе можат да донираат најмногу до 12,000 евра, а границата за физичките лица се намалува од 3,000 евра на 1,200.

- Се укинува финансирањето на добиен глас после секои избори.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека новиот модел може да ги реши старите проблеми.

- Финансирањето мора да се реши на потранспарентен и поконструктивен начин, партиите да живеат без сериозни инјекции од бизнис секторот. Ги имаме забелешките на онаа група на блу принтот, која работеше на демократски реформи кои одеа во онаа другата крајност, таму имаше предлог партиите целосно да се финансираат од буџетот а да се забранат секаков друг тип на донации – сметавме дека во оваа фаза добро е да ги намалуваме донациите, а да го зголемуваме финансирањето од буџетот на Република Македонија – вели Радмила Шекеринска, заменик претседател на СДСМ.

- ВМРО-ДПМНЕ има став за конечно да се реши ова прашање и начинот на финансирање на политичките партии да биде и транспарентен и јавен за граѓаните на Македонија и верувам дека во овој дел ќе имаме заеднички ставови со владејачкото мнозинство. Сакаме процесот да биде транспарентен и граѓаните да знаат која политичка партија на кој начин се финансира, смета Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Начелниот политички договор, допрва ќе треба да се преточи во законски текст, кој потоа ќе оди на јавна дебата. Начинот на финансирање на партиите е само една од темите за кои власта и опозицијата со месеци преговараа далеку од очите на јавноста. Меѓу другите клучни точки се – каков да биде составот на Државната изборна комисија, кој да биде на нејзино чело, но и на регулаторните тела како Агенцијата за медиуми или Антикорупциската комисија.

Што се е досега договорено, од ВМРО-ДПМНЕ се резервирани да одговорат.

- Во однос на овој дел се уште не се завршени одредени преговори и нема заклучоци од нив освен она што медиумите го знаат, дека за ДИК претседателот ќе биде од страна на опозицијата, вели Данев.

Повеќе кажа власта. Подготвени се некои позиции да се пополнуваат со кандидати предложени од опозицијата. Но, услов е изборот на тие лица да се прави со двотретинско мнозинство во парламентот за да се обезбеди, како што велат, професионализација, а не партизација.

- Дискусијата по овие тела не е завршена, но на прашањето на Антикорупциска комисија ние како СДСМ бевме подготвени кандидирањето на првиот човек да го дадеме да го прави опозицијата. Мора да ја има и нашата поддршка, но кандидатурата да доаѓа од опозицијата. Околу оваа тема ќе дискутираме и со невладините, но сме подготвени и на таков чекор за да покажеме дека борбата против корупцијата не ја правиме селективно. Во другиот дел на регулаторните тела првиот принцип мора да биде професионалноста, а не партијата, вели Шекеринска.

По досега успешно затворените прашања, минатиот четврток Собранието со потребното двотретинско мнозинство го помина законот за следење на комуникациите, а беа изгласани и законите за формирање на Оперативно-техничката агенција и за заштитени сведоци.

Но, увидот во јавно достапните списоци од гласањето на пратениците открива дека десетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, иако биле регистрирани како присутни, не гласале според тоа што партијата го договорила со власта. Меѓу нив се и Трајко Вељаноски, Емил Димитриев, Љупчо Димовски, Ванковер Манчев, Никола Попоски... Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ причината не ја лоцира во неединство на пратеничката група, туку во проблеми со техниката.

- Имаше неколку пратеници и кои не беа присутни на седницата кога се гласаа овие законски решенија, тоа е вообичаено да имаме отсуство на пратениците. Инаку многу е битно за она што се гласаше имаше доволен број на пратеници во собраниските клупи и оние закони што се гласаа со двотретинско мнозинство поминаа. Морам да напоменам реагиравме за овој дел и кај Талат Џафери можеби за неисправност или делумна неисправност на системот на гласање, можевте за забележите дека и на самата седница јас лично реагирав од место со Илија Димовски седеше до мене за одредени пропусти на техниката на гласањето, тоа се виде и на седницата за доверба на владата, објаснува Данев.

Дека по период на гледање преку нишан, дијалогот власт-опозиција функционира и дава резултати, доказ е и денешното консезуално усвојување на измените во законите за судскиот совет и за судовите во собраниската комисија за политички систем.