Мехмети: Најверојатно во референдумското прашање за името ќе биде содржано и прашањето за влез во ЕУ

пред 2 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, аналитичарот Ибрахим Мехмети зборуваше за евентуалниот референдум за прашањето за името.

- Ако знаеме дека прашањето на името е во контекст на евроинтеграции, тогаш најверојатно тоа ќе биде сложено и во прашањето. Во смисла - дали сте за компромис со вакво име, како предуслов за членство во ЕУ? Бидејќи за НАТО мислам дека нема ни потреба, бидејќи така и беше претходно, Букурешт беше завршена работа, без референдум, и се надевам дека така и ќе остане - рече Мехмети.

Тој се согласи дека компромисот всушност се прави токму за влез во ЕУ и НАТО.

- Инаку ние немаше да зборуваме за ова ако не беше пречка за интегрирање во ЕУ и НАТО. Македонија ја признаа колку земји со ова име и ние живееме без некој посебен проблем, како што живееме, ама за членство во ЕУ ќе треба да се направи компромис и логично би било тоа да биде така поставено. Ама и тука има трик, како ќе се постави тоа прашање. Може да се постави сугестивно да биде негативно, или да биде неутрално. Тоа ќе видиме како ќе изгледа - рече Мехмети.