Анкета: 75% од граѓаните сметаат дека прашањето за името е важно и треба да се реши веднаш

Автор: Зоран Јованоски | пред 4 месеци | Дебати

„Да, јас реков дека сум позитивен, повеќе после Виена, поради тоа што ја отворија министрите душата и фала му на бога ги кажаа отприлика ставовите.“ – изјави премиерот Зоран Заев.

Оваа оценка за последната рунда преговори за прашањето за името, премиерот Зоран Заев ја даде вчера. Но, во истата изјава, не пропушти да соопшти дека е оптимист и за исходот од следната средба Димитров - Коѕијас, најверојатно во Охрид, веќе следната недела.

„Месеците се пред нас. Убеден сум дека ако направиме напори да водиме грижа за нашите партнери од Грција како тоа што ќе договориме ќе го поминат на институционално ниво, но и тие да водат грижа како тоа што ќе го договориме да помине пред се и кај институциите и кај граѓаните во Македонија, тоа е начинот на решавањето на проблемот и верувам дека ќе најдеме решение коешто ќе го сочува достоинството и идентитетот на дете земји.“ – додава Заев.  

Јавниот оптимизам, иако е ризичен и голем политички влог, е показател за процената на Владата дека спорот за името е исклучително важно прашање за државата. 

Но, дали така мислат и граѓаните? Одговорот е да. Невладината Еуротинк, во соработка со агенцијата М-Проспект, во периодот од 1-ви до 21 март годинава спроведоа телефонска анкета и истражување на јавното мислење, кое меѓу другото покажува дека:

Проблемот со името, лично, е важно или многу важно прашање за 77% од граѓаните во Македонија. За далеку помалку жители на земјава, 20%, прашањето е неважно или воопшто не е важно. 

Не само што граѓаните сметаат дека прашањето е важно, туку речиси исто толку, 75%, сметаат и дека треба да се реши веднаш. 

Интересно е што на идентично прашање на неодамнешната анкета во Грција која таму ја спроведе невладината Елиамеп таков одговор дадоа 72% од тамошните жители.

„Мислам дека на жителите од двете држави веќе им е некако дојдено преку глава од целиот процес. Дури затоа е и можно да се прифатат од двете страни некои решенија кои можеби за период пред 10–15 години би биле неприфатливи.“ – смета истражувачот на НВО „Еуротинк“ Горан Лазаров.  

Во прилог на ставот на Лазаров одат и други бројки. Мнозинството граѓани и во двете земји сметаат дека доколку решението за спорот за името се одложи, ќе биде на штета на нивната држава. Или низ бројки, во земјава високи 61,8% мислат пролонгирањето на прашањето ќе биде на штета на Македонија, а 30,5% не се согласуваат со тој став. Кај јужниот сосед, слично како и во Македонија, мнозинство од 56,2% од тамошните жители мислат дека ако потрагата по решение се развлече, тоа ќе биде на штета на Грција, а 39% мислат спротивно.

Сепак, во Македонија има значителни разлики во одговорите на ова прашање, зависно од етничката и политичката припадност на испитаниците. 

Две третини од поддржувачите на СДСМ се на ставот дека ако се одложи решавањето на спорот, Македонија ќе има последици, за разлика од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ од кои едвај половина го делат овој став. Кај партиите на Албанците во Македонија, загриженоста од последиците ако не се најде решение се движи од 80% кај симпатизерите на ДУИ, 77,8% кај симпатизерите на БЕСА до 73,7% кај поддржувачите на Алијанската за Албанците.

„Колку е важно брзо да се најде решението за овој проблем е поважно кај Албанците. Речиси 80 проценти од Албанците во Македонија сметаат дека е многу важно веднаш да се најде решение на овој проблем. Додека 56 проценти од Македонците сметаат дека одложување на решавањето на овој проблем може да и донесе само проблем на Македонија.“ – додава Лазаров. 

Во корпусот прашања во истражувањето на Еуротинк, што беа идентични со прашањата на анкетата на Елиамеп во Грција, е и какви ќе бидат односите меѓу Македонија и Грција во наредните 12 месеци. 

Во Македонија, 34,6% мислат дека односите ќе се подобрат а 36,1% дека ќе останат исти. Дека односите ќе се влошат кажале 21,1% од испитаниците. 

Анкетата во Грција, на истото прашање, покажува сличности со Македонија. И таму околу 36% граѓани сметаат дека односите ќе останат исти и околу 21% сметаат дека односите ќе се влошат. Разликата ја прават оптимистите дека односите ќе се подобрат. Такви меѓу грчките граѓани има двојно помалку отколку во Македонија или 18%, а остатокот од речиси една четвртина, едноставно не знаеле или не сакале да одговорат.