Интервјуа со европратеникот Флекенштајн и со професорот Бибер - санкциите како единствена опција?

Автор: Владимир Мирчески | на 4.2017 | Дебати

Погледнете ги интервјуата со европратеникот Кнут Флекенштајн и со професорот Флоријан Бибер

„Се обидуваме во давањето вообичаени пораки – Едуард Кукан и јас се обидовме во Албанија, сега заедно и со Иво Вајгл се обидовме и во Македонија...... Но..... Во Македонија барем кога е премногу доцна е премногу доцна и јас сум многу загрижен за тамошната ситуација зашто секој знае како демократијата функционира, но оние што се на власт не сакаат тоа да се промени и да станат опозиција и не сум сигурен како тоа може да го смениме. Ако велиме „да именуваме и да се срамиме“ многу е важно сите повнимателно да погледнеме во нашите политички групации. Засега за социјалдемократите тоа е лесно зашто „лошите момчиња“ се на другата страна“, рече Флекенштајн.

Забележувам големо разочарување во вашиот настап за ситуацијата во Македонија каде вие бевте пред десетина дена. Во говорот не бевте најпрецизен како таа состојба треба да се надмине, како да дојде до трансфер на власта меѓу сегашната влада и новото парламентарно мнозинство. Г-динот Бибер ја спомена можноста од санкции, а вие пак ја споменавте одговорноста на европските политички групи. Знам дека вашиот колега Кукан, кој е од ЕПП, сега не е овде... Дали мислите дека има потреба од  поголема посветеност и контрола на политичките групи кон партии-членки што доаѓаат од земји кои се уште не се дел од ЕУ, како што е на пример се уште владејачката партија во Македонија?

„Прво, дали бев разочаран? Да, бев и тоа многу. Како да излеземе? Одговорот би бил ајде да пробаме со демократија. Ако по избори има коалиција од 67 пратеници тогаш таа би требала да ја добие можноста да формира влада. Но, знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да направи поместување и затоа сметам дека гласачите би требало да знаат дека навистина нема никој во ЕУ, ниту во сестринската групација на г-дин Груевски кој ја поддржува таквата политика. Гласачите треба тоа да го слушнат,да нема недоразбирање дека станува збор за лево или десно, туку за прашање демократија: да или не“, вели Флекенштајн.

Еве што кажа Бибер.

Дали гледате јасна можност за ЕУ или САД да воведат индивидуални санкции против одредени лица?

„Колку подолго трае оваа криза и колку подолго го гледаме вкопувањето на претседателот Иванов тогаш мислам дека санкции би биле единствената опција за надворешните играчи. Веќе две години ЕУ е медијатор и притоа имаше мек пристап кон кризата во Македонија, но сега мислам дека удира во ѕид во смисла на тоа дека нема придвижување, ниту алтернатива на тоа да му се даде на мнозинството можноста да владее што во основа е занемарување на базичните принципи на демократијата и јас не гледам која друга опција ја имаат ЕУ и САД освен да наметнат индивидуални санкции против лица кои ги попречуваат демократските промени на власта“,вели Бибер.

Како ја гледате улогата на Европските народни партии, треба ли поголем притисок врз се уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ која е членка на ЕПП?

„Мислам дека ова е долготраен проблем. Многу од членките или придружните членки и на ЕПП и н Социјалистите ги занемруваат демократските вредности. ВМРО-ДПМНЕ е најконкретниот пример за тоа, има и други како партијата Фидес во Унгарија и мислам дека единственото соодветно решение би било барем да се суспендира се додека нема јасно ново обврзување кон демократските принципи. Мислам дека Европските народни партии можат да играат попродуктивна улога преку јасно кажување дека вакво однесување не е прифатливо за демократска, голема партија во Европа и сметам дека тоа би имало ефект зашто гледаме дека ВМРО го користи политичкиот капитал кај ЕПП за себе си да се легитимира и во кампањата и потоа и ЕПП за тоа треба да бидат свесни дека до одреден степен ВМРО ги злоупотребува како оправдување за злоупотребите на демократските правила“, вели Бибер.