Од 3 „свиркачи“ од УБК згрижен е само Верушевски, зошто Лазаревски и Костовски се оставени на улица?

Автор: Петар Клинчарски | пред 5 месеци | In depth

„Патриотите на Македонија ги обезбедија документите и доказите, тоа се патриоти луѓе, почитувани граѓани. Сакам да им оддадеме почит на овие храбри луѓе на кои им ја должиме „Вистината за Македонија“.

Вака говореше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за свиркачите од УБК, меѓу кои и Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, во времето кога одекнуваа „бомбите“ за тогашната власт на ВМРО ДПМНЕ. За храброста да се документира масовното прислушување, им оддаде признание со зборовите дека тие се „совеста на општеството и луѓе што ги ставија животите на коцка заради спас на државата“.

Три години подоцна, период во кој се случи и промена на власта, аплаузите и признанијата за овие луѓе се префрлија на меѓународна сцена додека дома се соочија со молк и заборав.

Од тројката што ги извлече илјадниците прислушувани разговори од УБК, згрижен е само Зоран Верушевски, како советник на премиерот Зоран Заев. Лазаревски и Костовски, пак, подолго време безуспешно бараат елементарна правда за себе – да се вратат на местата на кои го поминале работниот век. За Звонко Костовски тоа засега е невозможна мисија, бидејќи има статус на осудувано лице во предметот „Пуч“. Тој остана единствен осуден во овој случај, со ефективна 3-годишна затворска казна, откако прифати спогодба со јавното обвинителство под сомнителни околности. По преземањето на предметот,  СЈО се откажа од обвинението за „Пуч“ поради немање докази и иницираше Барање за заштита на законитоста за Костовски до Врховниот суд.

- Баравме поништување на спогодбата, затоа што не постоеја докази во конкретниот случај, врз основа на кои спогодбата се базираше, така што во тој случај одлуката, судската пресуда е донесена без воопшто да постојат докази и затоа баравме да се преиспита нејзината законитост – изјави обвинителката Ленче Ристовска во септември минатата година.

По извесно време Врховен пресече: Костовски не шпионирал за странски служби, но остана делот од пресудата за нелегално прислушување и затворската казна од 1 година, која Костовски веќе ја одлежа. Сега Костовски е на слобода, но преку гласниот молк испраќа порака дека нема да проговори се’ додека не му се „тргне“ статусот на осудувано лице и не се врати на работа.

- Кај Костовски има два основи да се бара повторување на постапката, бидејќи се докажа кој го вршел прислушувањето. Костовски е само сведок на незаконитото прислушување по налог на Мијалков и Јанкуловска. Не можете сведокот да го обвинувате дека тоа го правел – вели Слободан Богоевски.

Богоевски, кој е и екс-директор на УБК, смета дека неговите поранешни колеги мора да добијат соодветна сатисфакција - и лична и општествена.  

- Неприфатливо е да такви личности заради познатите состојби во судството, да бидат сега повторно жртви, да не можат да ги уживаат своите права, во процес каде невино се судени од претходната власт. Оттука, одговорот на општествениот однос кон ваквите случаи како Лазаревски и Костовски мора да биде соодветен на чинот на востанување на неправдата, смета Богоевски.

На иста линија со Слободан Богоевски е и независниот пратеник во Собранието, Павле Богоевски. Тој беше еден од предводниците на Шарената револуција, која беше реакција токму на прислушуваните разговори. Богоевски вели дека можеби има релевантни безбедносни околности што не и се познати на јавноста, но без разлика дали постојат правни пречки или не за нивно враќање во МВР, недозволиво е Лазаревски и Костовски да бидат игнорирани.

Мислам дека тие луѓе поради придонесот кој го имаат дадено, не смеат да бидат заборавени од државата, и дека ако на никаков начин не е возможно да бидат вработени во МВР, државата треба да направи се што може тие да немаат опасност по нивната егзистенција односно да бидат осигурано нивното секојдневно живеење, рече пратеникот Богоевски.

Но, за разлика од Костовски, кај Лазаревски воопшто не постојат правни дилеми за враќање во МВР. Ослободен е од обвинението во предметот „Пуч“. Тој сам даде отказ од позицијата главен оперативен инженер во 5-тата управа во УБК, во октомври 2013-та година. Работниот однос му завршил, како што тврди, под закана и притисок од повеќе безбедносни структури во и надвор од полицијата. Да останеше на работната позиција, од август минатата година Лазаревски веќе ќе уживаше во пензионерските денови.

Прашавме во Министерството за внатрешни работи - дали ги истражуваат околностите на заминувањето на Ѓорги Лазаревски од институцијата и дали е разгледувана можноста за негово враќање во УБК. Но, одговор не добивме, како продолжение на индикативниот молк и игнорирањето на овие луѓе.