Како организирираното „терористичко загрозување на уставниот поредок“ остана без организатор?

Автор: Славица Филиповска | пред 5 месеци | In depth

„Во групата обвинети е и едно лице кое на 27 април преку телефонски повик во 14 часот и 30 минути било известено да ја започне акцијата.“, рече на прес-конференција портпаролката на Јавното обвинителство, Елизабета Недановска, презенирајќи го обвинителниот акт за настаните од 27. Април во Собранието.

Новинарите инсистираа, обвинителството не одговори.

Токму овој аспект од обвинението е предмет на најголеми критики.

„Тука главниот го нема во обвинението и тоа е навистина голем пропуст.“, вели универзитетската професорка Беса Арифи.

Дали и „крвавиот четврток“, како и „Диво насеље“, ќе се сведе на казни за извршителите, без да се чепнат нарачателите?

„...Откако од телефонскиот број 071/332-ххх, сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата, НН лице од обезбедувањето на Никола Груевски, тогаш претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а кои се наоѓале во Виена, Австрија, во 14:30 часот контактирало со обвинетиот Александар Василевски-Нинџа...“

Овој дел од обвинителниот акт за настаните на 27-ми април минатата година, со кој се опишува почетокот на целата операција за упад во парламентот, продолжува да предизвикува најмногу реакции во правната и општата јавност. Аналитичарот Сашо Ордановски, кој во својата колумна насловена „Војводи без востанија“ го анализира токму овој аспект, отвора уште една логична дилема.

„Бидејќи Обвинителството констатира дека се работи за врвно организиран насилен акт, во којшто се знаело кој каква улога има, во којшто се знаело кој ќе бил под маски, кој ќе носи оружје, кој каква цел имал. Имало таму разни фолклорни елементи, но имало и професионалци коишто биле вклучени во сето тоа. Па според тоа јас поставувам логично прашање, ако е целата таа организација таква, тогаш таа не може да започне во 14:30,  како што обвинителството го претставува обвинителниот акт ,во 14 и 30 со самиот чин на тргање кон парламентот.“, вели Ордановски за 360 степени.

Или со други зборови – зошто обвинението се ограничува само на неколку часа дејствија што се случиле на 27-ми април, а не и на евентуално планирање и логистика од претходните денови и седмици. Познато е дека во тој период од протестите, но и од други јавни настапи беа испраќани пораки дека државата е нападната и дека само народот може да ја одбрани. На пример, Никола Груевски во интервју за Сител, со читање на однапред подготвени тези, меѓу другото, рече:

„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија, дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот.Дали постои капацитет? Секако дека постои, но, во ваква ситуација тој капацитет е исклучиво во рацете на граѓаните.“

Сведувањето на опфатот на само осум часа – од 14:30 до 22:30 часот е првиот дискутабилен елемент од обвинението.

Вториот проблематичен елемент е споменувањето на НН лице, со чие јавување започнало мобилизирањето на групата под маски која подоцна упадна во Собранието. Дилемата што јавно се коментира е како може толку важен дел од обвинителниот акт да се темели на лице со непознат идентитет.

Правниците се речиси едногласни во забелешките.

„Да ставите НН лице со телефонски број и која работна задача ја извршувал во тој момент, а да не му го кажете идентитетот, тоа не може да биде НН лице. Како може да биде непознат идентитетот на некој на којшто го имаме телефонски број и на кој знаеме дека бил во Виена и знаеме дека бил во рамките на обезбедувањето на Никола Груевски. Ова е несериозно.“, вели адвокатката Сузана Јошевска -Анастасовска.

„Тоа е суштинскиот пропуст на ова обвинение, бидејќи едноставно продолжува праксата во Република Македонија, кадешто извршителите се казнуваат, меѓутоа не и организаторите и нормално нарачателите. Многу е јасно од целата ситуација, ние знаеме кој беше во Виена тој ден и како тоа се одвиваше и зашто токму од Виена дошол повикот. Знаете, нема никаква случајност таму и не е толку тешко да се утврди кое било лицето во тој повик и мислам дека тоа е најголемиот пропуст.“, смета професорката Арифи.

Никола Груевски, на прес-конференцијата одржана во раните утрински часови на 28-ми април, веднаш по враќањето од Виена, тврдеше дека настаните го затекнале за време на средбите што ги имал во австрискиот главен град.

„Токму кога доцна попладнево ја одржував последната средба со Карл Фон Хазбург, претставник на моето обезбедување влезе и ме извести што се случило во македонскиот парламент, по што веднаш ја прекинав средбата.“, рече Груевски тогаш на прес-конференција.

Груевски тврдеше дека дури доцна попладнето тој ден првпат слушнал што се случува во Македонија, наспроти Обвинителството кое наведува дека повик од Виена имало неколку часа порано и дека по тој разговор почнало собирањето на групата под качулки.

Тоа го кажа во интервјуто за Топ Тема, еден ден по насилствата во Собранието.

„Дали сте информирани кој се ги носеа качулките на глава?

- Како можам да сум информиран, кога имаат такви на главата. Како ќе ги видам кои се.

Па знаете што, полицајците комуницираа со нив.

-Не знам, ако имало таква комуникација, некој треба да ги праша тие полицајци што има таква комуникација.“

Груевски, во изјавата од 2 април 2018, повикот од Виена го сведе на обичен семеен разговор меѓу обвинетиот Александар Николовски- Нинџа и неговиот брат кој во тој момент како телохранител на Груевски бил во главниот град на Австрија.

„Да имаше Д од доказ против мене, јас одамна немаше да бидам тука, што не значи пак дека тие што ги уапсија се виновни. Апсолутно и тие не се виновни, но еве тие го понесоја товарот на тој случај. Јас разговарав со членот на моето обезбедување, кога го прашав, откако ги прочитав овие наводи, дали имало некаков разговор, ми рече дека како и секој друг кога ќе замине на апт во странство, имал телефонски краток разговор со неговата сопруга, семејни разговори и со неговиот брат, исто така семејни разговори и тоа е се, ништо повеќе од тоа. Да имаа докази, досега немаше да бидат работите вакви какви што се, во однос на сето тоа и еве јас ги повикувам ако имаат каков било доказ против мене, веднаш, без двоумење да го објават. Не само што е намерно насочување, туку е и правено така да се објавува на рати, во фази. Прво се кажа дека мој телохранител, внимавајте во обвинението тоа не го пишува, но 90 отсто од медиумите изјавија во насловите дека нарачал инцидент. Тоа не го пишува во обвинението. Ако го пишуваше и тој и јас веројатно ќе бевме под сериозна истрага или ќе бевме обвинети.“, изјави Груевски на 2 април 2018.

Но, аналитичарот Ордановски, прашува дали има некој што верува оти сето ова, па и повикот од Виена, можел да се случи без знаење на Груевски.

„Бидејќи во тоа време во Виена беше премиерот, а бидејќи телефонот на кој е направен телефонскиот позив припаѓа на Владата, тоа е службен телефон, тогаш прост е заклучокот дека нема кој друг да ја дал наредбата освен, веројатно самиот премиер, бидејќи јас не можам да поверувам, како претпоставувам и 99 отсто од јавноста во Македонија, дека некаков бодигард на премиерот ќе даде тој тип на овластување на луѓето кој на терен требало да ги спроведат тие акции. Така што, отсега натаму, практично е проблемот како тоа да се докаже, инаку на ниво на логика и на ниво на некаков јавен впечаток јасно е кој стои зад целата операција.“

На прашањата на „360 Степени“ зошто не е утврден идентитетот на НН лицето и зошто во обвинителниот акт го нема испираторот или нарачателот, од јавното обвинителство велат дека истрагата не е запрена со обвинителниот акт и 30-темина обвинети. За повеќе информации бараат време.

„ Истрагата утврди дека во организацијата на настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија биле вклучени и одреден број засега непознати лица, за што во следниот период продолжуваат истражните дејствија со цел целосно расветлување на настанот. Со оглед на тоа што во тек е преземање на дејствија, согласно законските одредби, Обвинителството за нив не е во можност да сподели детали. Јавноста ќе биде известена кога ќе се создадат услови.“, ни одговорија од Обвинителството.

„Многу деликатна ситуацијата, за тоа ќе одговараат 30-тина луѓе, некои од нив ќе добијат тешки затворски казни, не би било ред испираторот да се повлекува и кукавички да се штити себеси, можеби би му било најпаметно да излезе и да каже да, јас стојам зад тоа и мислам дека тоа го направив заради ова, ова и ова.“, заклучува Ордановски.