Јошевска-Анастасовска: За Дурловски нема детали што направил за да се терети со ова кривично дело

пред 5 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска зборуваше за обвинителниот акт за настаните во Собранието од 27 април минатата година, како е тој поставен во однос на различните обвинети и за дилемите околу тоа дали дел од нив требало да се теретат со полесни кривични дела.

- Во обвинителен акт мора да бидат содржани дејствија од кривичното дело коешто се става на товар за секој поединечен обвинет за да можеме да видиме дека навистина во нивните дејствија се содржани елементите на конкретното кривично дело. Не е доволна само нарацијата, мора да се препознае секој елемент од кривичното дело, а препознавам дека не е така за сите обвинети - рече Јошевска-Анастасовска.

Таа како пример го наведе делот од обвинението кој се однесува на обвинетиот оперски пејач Игор Дурловски, кој беше еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“.

- Недопустливо е во обвинение во кое има 30 души, еден воопшто да не е споменат со никакво дејствие. Тоа е Игор Дурловски. Тој е спомнат на страната каде се обвинети сите обвинети, натаму кога читате се споменува на едно место кадешто вели - „кога веќе влегле во салата Македонија, обвинетите Дурловски, Дамовски и Јовановски држеле говори со кои ги бодреле за насилство“, притоа не е опишано какви се тие говори. Бидејќи е опишан само говорот на обвинетиот Владо Јовановски со овие зборови - „нашата најголема казна е што сме дочекале да имаме такви одвратни пратеници, ете ги меѓу народот, ако предавниците избегаат и ја разнебитуваат Македонија, секој оној кој тргнал против својот народ и не го слушнал, тој ќе биде губитник“. Воедно ова е единственото дејствие опишано за Јовановски а се терети со кривично дело за кое е запретена казна од најмалку 10 години. Нема друго дејствие за Јовановски. За Дурловски нема ни зборови, што тој кажал, како тој го загрозил уставниот поредок - рече Јошевска-Анастасовска.

Таа е децидна дека треба да се понесе одговорност за настаните на 27 април, но Обвинителството мора да си ја заврши својата работа и точно да се прецизира кој за што е одговорен со време, место и начин на извршување на кривичното дело.

- Не знаеме со какви докази располага Обвинителството, дали е таа група некако договорена со останатите, па има злосторничко здружување и така натаму. Од нарацијата излегува дека, особено лидерите на „За заедничка Македонија“ се товарат заради потпалувачки говори, за кои постои многу многу полесно квалификувани кривични дела - рече Јошевска-Анастасовска.