Јовески: Не е лесна новата квалификација на кривичното дело за случајот Алмир, казната е до 20 год.

Автор: Александар Димитриевски | пред 7 месеци | In depth

Нема да има преквалификација на делото за ниеден од осомничените за настаните во Собранието од 27-ми април минатата година. Надлежниот јавен обвинител останува на ставот – лицата да бидат гонети за делото за кое беа осомничени во текот на истрагата, а тоа е терористичко загрозување на уставниот поредок. Ова е одговорот што го добивме од службата за односи со јавноста на јавното обвинителство, од каде потврдуваат дека наскоро треба да се очекува јавнообвинителска одлука. Овој случај е една од темите во краткото интервју на Александар Димитриевски со државниот обвинител Љубомир Јовески, во кое фокусот е на случајот Алмир.

Во однос на протестот, тој кажа дека се работи за уставно загарантирано право на граѓаните, но дека Обвинителството не може да работи под притисоци.

- Уште еднаш изразувам сочуство за трагичниот настан до семејството на малиот Алмир. Сакам да истакнам дека Обвинителството по однос на првичната иницијатива со која пред Основниот суд го поднесе обвинението, се најде врз основа на доказите обезбедени во конкретниот предмет, да не може да ја докаже умислата на обвинетиот да го изврши тоа кривично дело. Се разбира дека оваа преквалификација на новото кривично дело не е по волја на обвинителите туку се заснова врз доказите и фактите кои се обезбедени во текот на постапката - рече Јовески.

Тој зборуваше и за преквалификацијата и што практично значи новото кривично дело.

- Преквалификацијата на кривичното дело не значи дека обвинетиот ќе добие помала казна, бидејќи за тоа дело што му се става на товар на првообвинетиот е предвидена казна затвор од 20 години. Според тоа, не се работи за лесна квалификација на кривичното дело.

Од 20 години, или најмногу 20 години?

- До 20 години затвор.

Но имаме разлика во најмалата казна.

- Да, има разлика во најмалата казна, и всушност дијапазонот на пропишаната казна во определени случаи не е многу важен. Важни се околностите што судот ќе ги утврди врз основа на елементите кои влијаат и околностите кои влијаат на изборот и утврдувањето на казната - рече Јовески.