Како пропадна пописот во 2011-та за кој СЈО отвори истрага против Ахмети и Груевски

Автор: Славица Филиповска | пред 6 месеци | In depth

„Јас како ДУИ барам да функционира правната држава и службено сум барал и од Јавното Обвинителство и од Специјалното Обвинителство и самиот лично сум се сретнал со г-ѓа Јанева каде е отворена истражна постапка почнувајќи од мене и се бара детално секоја документација во сите државни институции.“

Овој повик на Али Ахмети го стигна и лично. Од минатата среда тој и поранешниот коалициски партнер Никола Груевски се осомничени за намерно стопирање на пописот во 2011-та година и за нанесена штета на буџетот од 3 милиони евра.

Планот бил пописот да се спроведе во април 2011-та, но поради предвремените парламентарни избори е одложен за шест месеци – за периодот од први до 15-ти октомври. Државната пописна комисија почнува со подготовките, но очигледни се несогласувањата меѓу членовите Албанци и Македонци во ова тело.

„Значи, оние граѓани кои се отсутни повеќе од една година од државата, нема да се попишат. Законот е дециден, препораките и методологија на Еуростат се децидни и јас сум обврзана да работам по нив.“, велеше претседателката на Државната пописна комисија – Весна Јаневска.

Но, за разлика од Јаневска, нејзиниот колега во Комисијата, Милаим Адеми ја бранеше тезата дека:

„Член 40 е јасен каде вели таксативно цитирам: тие членови кои не се наоѓаат во моментот на регистрација, податоците за нив ги дава еден од тесните членови на семејството.“

Во тој период, за разлика од Груевски кого речиси и да го нема со изјави за пописот, Ахмети се труди да остави впечаток дека за него тоа е важна операција што мора да се спроведе.

„Јас немам никаква дилема дека на 1 октомври ќе почне регистрацијата зашто сите припреми се направени.“, велеше лидерот на ДУИ.

Но, два дена пред почетокот на пописот, потпретседателот на Државната пописна комисија, Абдулменаф Беџети, дава неотповиклива оставка. По него, од Комисијата си заминуваат и четворица други членови Албанци и двајца Турци.

Претседателката Јаневска се уште е убедена дека попис ќе има и дека подготовките се при крај. Но, само еден ден по оставката на Беџети, сосема неочекувано, и таа се повлекува од функцијата - со сериозно предупредување.

„Сметам и проценувам дека во Република Македонија се спрема уште еден голем пописен фалсификат, кој произлегува од моите досегашни сознанија. Колегите од Државната пописна комисија од албанската и турската националност, или етникум, се извинувам, не оставија минимум простор за доверба дека овој процес ќе се одвива така како што треба.“, рече Јаневска.

Со одлука на Владата, Државната пописна комисија добива пет нови членови.

Во новиот состав на пописната комисија, претседателското место на Јаневска го зазема Слободанка Гошева-Гиевска, а потпретседател станува Бујар Османи. И пописот почнува.

Иако тврдењата се дека се тече во најдобар ред, од опозицијата предупредуваат за пропусти и за политичка злоупотреба на пописот.

„Недозволиво е  се уште да не бидат во целост формирани пописните тимови, а веќе половина од времето за изведување на пописот помина.“, велеше Драган Тевдовски од СДСМ.

„Очигледно е дека пазарот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за Хашките случаи има нови продолженија, оттука сите политички злоупотреби на пописот и пописните резултати ќе биде директна одговорност на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.“, обвини Емилијан Станковиќ  од СДСМ.

Но, и покрај прозивките, од Груевски ниту трага. Најприсутен со изјави е потпретседателот на пописната комисија, Бујар Османи, кој од една страна е убеден во квалитетот на процесот, но, од друга, полека влегува во судир со претседателката Гошева-Гиевска.

„Не сакаме да рокот на регистрација да го ризикува процесот на реализација. Мислам дека поважно е регистрацијата да е успешна отколку да се реализира во еден одреден период. Затоа ќе бараме да се пролонгира рокот и да се создаде комодитет за лицата за регистрација да стигнат до секое место и да го регистрира секој граѓанин на Македонија.“,  изјави Османи во текот на пописот.

„Премногу е рано уште од првиот, вториот или еве денеска шестиот ден, да се прејудицира какво е темпото на пописот.“, велеше претседателката на Комисијата, Слободанка Гошева-Гиевска.

„Ние нема да дозволиме компромитирање на овој процес зашто сме во секојдневен надзор на сите елементи и тие најситни како се развива и сакам да ве осигурам и вас како политичка партија и другите институции дека ако ние констатираме секакво компромитирање за отстапување од резултатите ние ќе ги разгледаме сите можности.“, беше убеден Османи.

По овие различни ставови на првите луѓе во пописната комисија, среде процес почнуваат да стигнуваат и индикативни вести од терен.

Печалбари во Тетовско се жалат дека  македонските попишувачи не ги попишуваат ако не ги видат лично. – Вести на Алсат М 08.10.2011

На половина од временскиот рок предвиден за попис на населението, во Македонија се попишани едвај 550 илјади граѓани. – Вести на Алсат М 10.10.2011

Вечерта на 10-ти октомври, пописната комисија заседава, а утредента во јавноста излегува со соопштение дека поднесуваат колективна оставка и дека пописот е прекинат. Комисијата вели дека не биле исполнети основните услови за продолжување на пописот. На технички прекинатиот попис, треба и законски да му се стави крај, а дебатата во Собранието е исклучително жешка.

„Дајте да одговориме пред јавноста на прашањето што се случи и кој го фалсификуваше пописот 2011? Кој е тој што го спречи? Ако продолжеше пописот, ќе испаднеше невиден апсурд вза Македонија, во Македонија да се попишат и да изброиме 4 или 5 милиони граѓани, бидејќи направивте националистичка трка на терен меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.“, рече Гордан Георгиев, тогашен пратеник во Собранието од редовите на СДСМ.

„Да беше тоа така, денеска немаше да го имаме овој закон пред нас.“, велеше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ нема направено националистичко трчање во ниту една негова политичка постапка од 2002 година и навака од нејзиното основање како политичка партија.“, рече и тогашниот пратеник од редовите на ДУИ, Талат Џафери.“

„Во текот на утрешниот ден, кога ќе помине законското решение и јавниот обвинител и истражниот судија да издадат налог за притвор на сите оние одговорни во Владата на Груевски и на Али Ахмети коишто не беа способни да спроведат една нормална, согласно закон статистичка операција.“, повика пратеникот од НСДП Горан Мисовски.

Парламентот и формално го стопира пописот, а она што тогаш го предвиде пратеникот Мисовски, се случи минатата недела. Притвори немаше, но Специјалното јавно обвинителство отвори истрага под кодно име „Попис“, во која има двајца осомничени – Ахмети и Груевски.

„Постои основано сомнение дека со цел, како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население од Република Македонија, осомничените помеѓу 10. и 11. октомври, 2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.“ рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција минатата среда.

Целта на Ахмети и Груевски, според обвинителката Фетаи, била да пласираат информации дека причините за пропаднатиот попис се од техничка природа и од некадарност на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика.

Но, Дијана Крстевска, вработена во државниот Завод за статистика и учесничка во пописот во 2011-та, вели дека процесот бил прекинат поради тоа што Заводот бил ставен во позиција на сервис на политичкото тело – државна пописна комисија.

„Државниот Завод за статистика се јави во улога на исполнување на мисијата на Државната пописна комисија. Вториот елемент е недоволната организациска подготвеност.

Дали тоа значи дека технички сепак бевте подготвени за попис?

Да, да, да. Од организациска гледна точка не. Ви кажав, тие се четирите - Законот,организациската поставеност, улогата на државната пописна комисија, која ја маргинализираше улогата на Заводот и секако политичкото влијание тука е.“, рече Крстевска.

Таа сведочи дека во некои делови од земјава, за 10 дена, колку што траеше теренската работа, пописот веќе бил завршен, но и дека наспроти препораките од Еуростат, некаде се попишувале и лица кои повеќе од една година биле во странство. Сепак

„За нас како статистичари клучните прашања беа зошто и по донесувањето на одлуката за прекинот целокупниот пописен материјал беше уништен. Значи, за да имате аргументација дека нешто е успешно или неуспешно, вие тоа треба да го одработите, да видите, па потоа ќе произлезат и сите овие прашања. Меѓутоа со одлука на Собранието, целокупниот материјал од пописот 2011-та што беше донесен од терен беше уништен.“, посочи Крстевска.

Зошто пописот бил целосно стопиран, а не само одложен – е еден од елементите што ги истражува и СЈО. Така немало да пропаднат веќе потрошените три милиони евра за материјали и други неопходни нешта.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека отворањето истрага против Ахмети е нова етапа од функционирањето на СЈО.

„Секако тоа е политички значаен чекор, имајќи предвид дека отвора едно поглавје на СјО кое досега беше затворено. Можеби дури понатака ако СЈО премине во траен мандат, како што би требало да биде можеби и ќе се прошири и на сегашни функционери на СДСМ. Тоа ја поставува СЈО на една поздрава правна логика малку издвоена од политиканството на кое сме научени да гледаме во судските и истражните постапки.“, вели Арсовски.

Ако истрагата за пописот резултира со обвинение, Ахмети ќе ја дополни листата на лидери на партии - како Заев, Груевски, Тачи за кои се водат судски процеси. Но, според Арсовски, тоа нема да ја наруши позицијата на Ахмети во ДУИ, каде тој е издигнат на ниво на култ, ниту ќе влијае на односите во владината коалиција.

„Јас сепак мислам дека коалицијата во моментот не е суштински загрозена, имајќи предвид дека двете партии сакаат да бидат внатре и алтернативите на коалицијата се секако полоши.“, смета Арсовски.

И додека пропаднатиот попис е под истрага, Заводот за статистика се подготвува за нов, во 2020. Оттаму велат дека лекцијата од 2011-та е оти не смее да се дозволи политичко тело да води статистичка операција.