Кои се уставните судии што би одлучувале за Законот за јазици - каква одлука може да се очекува

Автор: Александар Димитриевски | пред 5 месеци | In depth

Изминува втората недела откако Собранието вторпат го изгласа Законот за употреба на јазиците. Но, тој се уште не е на сила, бидејќи се чека потписот од претседателот на државата.

Ѓорѓе Иванов не става потпис на законот кој два пати помина пред народните избраници затоа што смета дека по неговото првично вето, парламентот го изгласал законот спротивно на Уставот и Деловникот. Пораката на Талат Џафери, и мнозинството генерално, е дека токму Иванов го крши Уставот кога не сака да потпише закон кој два пати добил поддршка од повеќе од половината пратеници во законодавниот дом.

И додека трае докажувањето за тоа кој е во право, во јавен оптек има неколку идеи како понатаму.

Една варијанта е законот да се објави само со потпис на Талат Џафери или спикерот да се потпише два пати - и на неговото место и на местото на Иванов. Таков пример постои во 1997-та, кога Тито Петковски како претседател на Собранието става потпис и за тогашниот претседател на државата Киро Глигоров, кој во тој момент е на службен пат. Подоцна, Уставниот суд го укинува указот.

Втората опција ја презентираше докторандот од Правиот факултет во Скопје, Денис Прешова. Тој посочи дека една од основните функции на Уставниот суд е да решава за т.н. судир на надлежност, токму како во сегашниот случај. Само на тој начин, според Прешова, може да се прекине спирaлата на противуставни постапки поврзани со законот.

Третата и најневеројатна опција е Иванов да се премисли и да го потпише законот.

По кој пат и да се тргне, законот за употреба на јазиците и процедурата во која е донесен, ќе завршат пред Уставниот суд.

„ Па чекајте, ама сега за Уставниот суд, јас до пред неколку недели слушав квалификации - најобоената институција беше Уставниот суд. Тој истиот сега дали ќе може да се справи со ваков товар. Тоа не знам.“- изјави универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова на гостувањето на емисијата Ноќно студио на 15.03.2018 година.

Универзитетската професорка Силјановска не е осамена во резервите. Сличен став, пред воопшто да се случи кризата со законот за јазиците, имаше и доскорешната уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска.

- Институционално се разбира дека Уставниот суд постои. Но, дали ја врши навистина онаа задача која Уставот му ја дава тоа мислам дека е дискутабилно.- изјави поранешната судијка во Уставниот суд на 10.11.2017 година.

Првиот аргумент што не остава простор за многу оптимизам дека Уставниот суд има капацитет на кредибилен и непристрасен начин да носи одлуки во случајот е фактографијата – кога, по чиј предлог се избрани и како досега се однесувале уставните судии во актуелниот состав.

Шест од вкупно деветте судии во Уставниот суд се избрани во време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Останатите тројца ги избра новото мнозинство, но две решенија беа предлог на претседателот Иванов, а еден уставен судија е по предлог на мнозинството. Сумирано, поголем дел од судиите во Уставен во моментов се луѓе за чиј избор доверба им дале претседaтелот Иванов или ВМРО-ДПМНЕ.

Но, датумот и начинот на избор се помал дел од аргументацијата, зашто едноставно таков е системот на предлагање и избор на уставните судии. Позначајно во одмерувањето на капацитетите на Уставен да донесе кредибилна одлука е личниот професионален бекграунд на судиите.

- Што е мојот страв? Бидејќи се во оваа земја е партизирано и политизирано, така е и со нашиот Уставен суд... Понатаму, во Уставниот суд не влегувале судии со долги години стаж, со став на претседатели. Влегувале, претседатели на државни изборни комисии, бивши министри, пратеници, високи државни функционери и така натаму.- оцени универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова во настапот на телевизија Телма од 15.03.2018 година.

Дека ова не се лични впечатоци, не е тешко да се провери.

Од актуелните девет уставни судии, тројца биле или на позиции во кабинети на државни функционери или на позиции кои се добиваат со амин на политиката. Двајца од нив се директно поврзани со претседателот Иванов, кој пак е засегната страна во случајот:

Дарко Костадиновски, кој неодамна беше избран за уставен судија, дојде од позицијата советник за надворешна политика во кабинетот на шефот на државата.

Јован Јосифовски, пред да стане уставен судија, беше член и претседател на ДИК по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот син е акутелен шеф на кабинет на претседателот Иванов.

Најновиот уставен судија, Насер Ајдари, има долга правничка кариера, но последните пет години беше државен правобранител, функција што се добива по предлог на министерот за правда, ресор кој изминативе години го држи ДУИ.

Актуелната опозиција и претседателот Иванов, според досегашното искуство, најверојатно ќе очекуваат поддршка од уште неколку уставни судии.

Ќерќа на уставната судијка Елена Гошева е Слободанка Гошева Гиевска, која како претседател на пописната комисија го стопира последниот попис. Нејзиниот сопруг, Игор Гиевски, исто така, има партиска и функционерска кариера поврзана со ВМРО-ДПМНЕ.

Актуелниот претседател на Уставен, Никола Ивановски, е судијата известител за најбрзо процесуираниот предмет во историјата на Уставниот суд. Станува збор за законот за помилување, што потоа му овозможи на Иванов да ги помилува сите осомничени од СЈО.

Таа одлука во 2016-та немаше да помине без поддршката на уште двајца актуелни уставни судии, Владимир Стојановски и Вангелина Маркудова.

Единствениот судија од сегашниот состав на Уставен кој тогаш не гласаше според очекувањата на претседателот Иванов и ВМРО-ДПМНЕ е Сали Мурати. Но, и без него, и без разлика на ставот на неодамна избраниот уставен судија по предлог на шефот на државата, Осман Кадриу, мнозинството во Уставен, се чини, е јасно дефинирано.

Дека мнозинството со својата работа изминативе години не се избори Уставниот суд да биде перципиран како кредибилна институција, е став кој го дели и поранешната уставна и судијка во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска. Токму законот за јазици, според неа, можеби е шанса Уставен да се издигне.

Ја прашавме и која од актуелните опции, двоен потпис на Џафери, постапка пред Уставниот суд за судир на надлежност или потпис на Иванов е излез.

- Најдобро би било претседателот да го потпише указот бидејќи тој веќе не е во делот на неговото право на вето. Тој го заврши тој аспект од Уставот, затоа што претседателот има право на суспензивно вето меѓутоа нема право на апсолутно вето и тој не може да го држи заробен законот... Факт е дека  поставувајќи се во улога на некој којшто го држи заробен законот Претседателот на државата навлегува во надлежност на Уставниот суд бидејќи повикувањето на неуставност на постапката, на носење на законот, на содржината на законот итн. е аспект којшто треба да го цени уставниот суд на Република Македонија и излез од ова решение е ослободувањето на законот, негово објавување па и претседателот на државата да го спори пред Уставниот суд и да побара оценка токму на тие аспекти коишто сега тврди дека се пречка за тој да го потпише указот за објавување на Законот.

Доколку шефот на државата не се премисли, што е за очекување според неговите изјави, Лазарова-Трајковска смета дека двоен потпис на Џафери не е опција, бидејќи е подеднакво неуставен чекор како актуелното вето на Иванов. Така, единствена точка на надеж, останува постапка за судир на надлежност пред Уставниот суд.

- Постои можност, деловнички, според деловникот на Уставниот суд и според надлежноста утврдена со Уставот да одлучува за судирот на надлежности. Доколку пристигне таков предмет пред него, тој најпрво утврдувајќи го судирот на надлежностите ќе мора да се произнесе каде, во кој аспект ќе треба да после одлуката на Уставниот суд понатаму да се надмине, овој, така да кажам меѓу простор... И за мене, една одлука на уставниот суд поврзана со надлежноста може да оди во насока на надминување на состојбата и со утврдување на неодминливата должност, уставната должност и обврска на претседателот во оваа фаза да го потпише законот. Затоа што и при давањето на заклетва, Претседателот се обврзува дека ќе ги почитува Уставот и законите а законот за Собрание ја утврдува неговата обврска да во рок од седум дена по пристигањето на указот тој да го потпише.- изјави поранешната судијка во судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска.