Шекеринска: Иванов нека го потпише Законот за јазици па нека го прати пред Уставниот суд

пред 8 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, зборуваше за Законот за употреба на јазиците кој е блокиран откако претседателот Ѓорге Иванов најави дека нема да го потпише указот за негово прогласување.

- Уставот е многу прецизен, како што беше и минатата година во врска со давање на мандатот, што не го спречи Иванов да ја одолговлече целата процедура и агонијата на државата. Но, мислам дека тоа е првото прашање, како лесно се доведуваме во ситуација државата да мора да бара решенија од невозможни и неуставни ситуации - рече Шекеринска.

Ама чекајте сега, да не заборавиме. И ставот 3 од членот 173 од Деловникот, на ВМРО-ДПМНЕ им дава право да поднесат амандмани за укажувањето на претседателот.

- Како што другиот став прецизира дека амандманите мора да се однесуваат само на промени коишто настанале во првото и во второто читање.

Зошто спикерот тогаш ги повикуваше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да поднесуваат амандмани, повикувајќи се дури и на двата става?

- Мислам дека е тука грешката...

А зошто не се увиде грешката на почетокот за да имате јасен став од самиот почеток дека е тоа неделовнички. Вака оставивте простор, имаше политички договарања, натегања... дури и самиот спикер се обидува деловнички да го оправдува своето однесување, а од друга страна самиот признава дека преговара со ВМРО-ДПМНЕ. Нека реши сега што е вистината.

- Спикерот кога ќе дојде ќе си ја образложи својата позиција. Она што на сите коишто го читаат Уставот им е целосно јасно е дека во моментот Иванов има уставна обврска да го потпише законот кој вторпат е изгласан во Собранието. Зошто претседателот кој вели дека не го потпишува затоа што законот бил во спротивност со Уставот, не е првиот кој ќе го потпише, па ќе го оспори пред Уставен суд па ќе го прати пред Венецијанска комисија, како што најави Владата?

Затоа што оваа ситуација за него е побезбедна. Без негов потпис, нема закон.

- Ако кршењето на Уставот е најбезбедна опција на претседател на држава, тогаш ние имаме сериозен проблем - не со Уставот, туку со претседателот. Пазете, претседателот вели - совеста му налагала да не го потпише. Значи, совеста му налагала да го прекрши Уставот. Ако задача на претседателот, согласно уставотворците и оние кои го изгласале Уставот била дека претседателот е тој кој го дава пасот дали одредена материја е уставна или не, тогаш Уставниот суд ќе беше сместен во претседателската вила на Водно. Создаваме преседан кој може да значи дека законите не ги носи Собранието, туку делот од извршната власт - рече Шекеринска.