Шекеринска: Ако се реши името ќе биде во фото-финиш, но мора да се изместат сегашните позиции

пред 6 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, зборуваше за процесот на преговори за решавање на спорот со името.

- Ако се реши прашањето, ќе се реши во фото-финиш. Наша задача е ние да ги браниме нашите позиции, на кои теми ќе покажува компромис и флексибилност, а на кои теми треба да се држиме цврсто до нашите ставови. Умешноста на овој процес нема да зависи од тоа што се случува зад затворени врати. Ќе зависи и од впечатокот на сите оние кои го анализираат процесот и кои имаат влијание: ЕУ и земјите членки, НАТО и земјите-членки на Алијансата - рече Шекеринска.

Запрашана од каде толкав оптимизам ако се имаат предвид грчките позиции - сложено име составено од еден збор, непреведено, севкупна употреба, уставни промени, таа рече дека ако и на крајот на процесот грчката позиција остане таква, тогаш нема да има решение.

- Но целта на процесот е сите да се изместат од иницијалните позиции. Оптимист сум дека од овој процес Македонија ќе излезе како држава која нема да се срами, туку да се пофали со конструктивно европско, позитивно однесување. Не можеме ние да ги дефинираме потезите на нашите соседи. Но можеме да направиме сѐ, за да покажеме дека Македонија во овој процес влегла со голема одговорност, знаење и со желба тој да се реши - рече Шекеринска.

Во однос на поместувањето на грчките позиции кон поекстремни од оние од претходно (кога се бараше сложено име со географска одредница на терминот „Македонија“ со превод), Шекеринска рече дека Владата ги користи овие аргументи во преговорите.

- Она што паѓа во сенка на сево ова е дека Македонија навистина не само со зборови, туку и со конкретни чекори на домашен план, на план на домашни реформи, но и на план на меѓусебни односи со Грција и со другите соседи покажа толку голема иницијатива, што Грција сфати дека без потез од нивна страна, впечатокот ќе биде дека тие го блокираат процесот. И нашиот активен однос, одлуките околу аеродромот и автопатот, покажаа дека ова не е само зборување во празно, туку дека Македонија свртила нов лист. И тука нема дилеми. Овие потези ни го купија времето и вниманието на Германија, на Америка, на членките на НАТО и на ЕУ, дека најпосле, има искра на акција којашто може да предизвика промена на Балканот, која нема да влијае само на Македонија, туку и на целиот регион. И која нема да влијае само сега, туку во следните 10 до 15 години - рече Шекеринска.