Награди за тимот на „360 Степени“

пред еден месец | In depth

Петар Клинчарски, новинар во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, е добитник на третата награда на конкурсот за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов“ што ја доделува Македонскиот институт за медиуми.

Наградата ја доби за сторијата „Изгубени во илјада преводи“ која, според образложението на жирито, открива сериозни контроверзии и сомнежи за корупција во постапките за превод на стручни книги од странство кои се користат за образување на илјадници студенти. Сторијата во прв план ги разоткрива недоследностите во квалитетот на преводот и парите кои државата ги троши за таа намена. „Преку темелно и професионално истражување, новинарот открива дека државни средства наменети за преводи на стручна литература се концентрирале во исти фирми блиски до претходната власт“, пишува во одлуката на жирито.

Новинарката на „360 Степени“, Славица Филипивска, доби пофалница на истиот конкурс за, како што се наведува во образложението, демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа“.

Првата награда „Никола Младенов“ и беше доделена на Менче Атаносова Точи за серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови, објавени на интернет-порталот Нова ТВ. Втора награда доби тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странските инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот Призма.

Третата награда Клинчарски ја подели со Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“, објавена на интернет-порталот Журнал.

Емисијата „360 Степени“ доби награди и на конкурсот на Македонската платформа против сиромаштија (МППС) - за новинарите кои пишуваат за невидливите. 

Меѓу петтемина наградени од МППС се новинарите од тимот на „360 Степени“ Хекуран Акифи за сторијата за проблемите со кои се соочуваат лицата со оштетен вид и Славица Филиповска за приказната за Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, кој изгоре во пожар минатата година. Пофалница доби Никола Здравковиќ.